Радмила Шекеринска

Функција: 
Министерка за одбрана
Е-пошта: 
kabinetMO@mod.gov.mk
Фејсбук страница: 
Твитер профил: 
Инстаграм профил: 
Фотографија: 
Биографија: 

 

Радмила Шекеринска Јанковска е родена на 10 јуни 1972 година во Скопје. Дипломирала на Електротехничкиот факултет во Скопје во 1995 година. Магистер е по меѓународни односи на Флечер школата за право и дипломатија на Универзитетот Тафтс во САД.

Во периодот 2002-2006 година беше заменичка на Претседателот на Владата задолжена за европска интеграција и координатор за странска помош. Токму во тек на нејзиниот мандат, нашата земја го стекна кандидатскиот статус за членство во Европската Унија.

Шекеринска ги претставуваше граѓаните во највисокиот законодавен дом во периодот од 1998-2002 и 2006-2011 година. Раководеше со Националниот совет за европски интеграции од неговото основање до 2014 година. Учествуваше и во делегациите на Собранието за соработка со Европскиот парламент и Интерпарламентарната унија.
Во 2005 стана добитник на наградата „Млад глобален лидер“, што ја доделува Светскиот економски форум. Наградата беше доделена за нејзиниот ангажман и посветеност на полето на европските интеграции на Западен Балкан. 

Член е на групата Munich Young Leaders (Минхенски млади лидери) формирана во рамките на Минхенската конференција за безбедност, а беше членка и на Европскиот Стратешки Форум, на Советодавниот одбор на проектот Schengen White List  и на Советот на Институтот за културна дипломатија.

Во 2008 година беше избрана за еден од потпретседателите на Социјалистичката интернационала (СИ), функција што ја вршеше до 2011 година. Член е на претседателството на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) која ги обединува социјалдемократските, социјалистички и лабуристички партии во Европа.

Шекеринска беше претседателка на СДСМ од 2006 до 2008 година. Таа е единствената жена која досега раководела со една од големите политички партии во Република Северна Македонија.

Во 2009 и 2012 година беше избрана за шеф на набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР за претседателските и парламентарни избори во Киргистан и во Ерменија.

Радмила Шекеринска Јанковска првпат е избрана за министерка за одбрана во мај 2017 година и за време на тој мандат Република Северна Македонија стана полноправна 30-та членка на НАТО, што беше стратешка цел на земјата од нашата независност. 

Во мај 2018 година, од Република Франција беше одликувана со орденот „Командант на Националниот ред за заслуги на Франција“. Орденот се доделува за истакнати граѓански заслуги, а воспоставен е во 1963 година од генералот Де Гол. Таа е прв политичар од Република Северна Македонија што од Република Франција добива признание од ваков ранг.

Радмила Шекеринска - Јанковска е мажена и има ќерка. Зборува англиски и француски јазик.

Мандатно писмо на Радмила Шекеринска