Прва работилница за трансплантација на коскена срцевина во Република Северна Македонија: Од 2000 година изведени 500 интервенции, преку кампања „Биди срцевина, биди херој“ ја подигнуваме свеста за дарување коскена срцевина

Во организација на Клиниката за хематологија и во соработка со Здружението за Хематологија и Институтот за имунологија и хумана генетика при УКИМ „Медицински факултет“ - Скопје, со поддршка на Министерството за здравство на Република Северна Македонија, на 12 и 13 април 2019 година се одржа првата работилница за трансплантација на коскена срцевина во Република Северна Македониjа, со наслов „Идни прерспективи и предизвици“.

На работилницата се одбележа почетокот на кампањата, насловена „Be Someone Marrow“ или „Биди срцевина, биди херој“, која ја спроведува Клиниката за хематологија, во соработка со Институтот за имунологија и хумана генетика при УКИМ „Медицински факултет“ - Скопје и Министерството за здравство.

Целта на оваа кампања е да се подигне свеста за хуманост, промовирање на солидарноста и засилување на можноста донаторите да се запишат во националниот дарителски регистар. Дарувајќи коскена срцевина, секој да може да спаси човечки живот.

- Трансплантација на коскена срцевина, како тераписка метода за пациентите со малигни хематопоетски заболувања, беше воведена во земјава во 2000 година, а до денеска се реализирани повеќе од 500 интервенции, од кои 57 во 2018 година, а во првото тримесечје од 2019 година извршени се 20 трансплантации за коскена срцевина. Минатата година ќе остане забележана во историјата на Клиниката за хематологија како година во која за првпат се воведе, и оттогаш успешно ја спроведува најсложената и најсофистицираната тераписка процедура во современата медицина, несродната трансплантација на коскена срцевина, изјави министерот Венко Филипче.

Тој додаде дека одобено го радува фактот дека во јануари годинава успешно се изведе и првата несродна трансплантација кај 13 годишно момче со апластична анемија.

Клиниката за хематологија потпиша Меморандум за соработка со Универзитетската Клиника за детски болести - Скопје, со што почнаа со изведување на алогени трансплантации, сродни и несродни трансплантациии кај деца постари од 3 години.

Од почетокот на годинава изведени се и три полуидентични трансплантации, интервенција што недостигаше во спектарот на услуги од областа на трансплантацијата.

- Изедначувањето на стандардите во примената на различни видови трансплантација на коскена срцевина, не само кај возрасни туку и кај деца, е големо остварување за нас не само како експерти, туку и како медицински центар од нашата држава кој застанува рамо до рамо со најреномираните во Европа и пошироко. Потврда за нашиот досегашен успех е обезбедено присуство на нашата работилница од околу 60 учесници, водечки експерти од областа на трансплантцаијата во регионот и светот. Покрај тоа, во оваа прилика ја стартуваме националната кампања од исклучителна важност со наслов „Be Someone Marrow” или „Биди срцевина, биди херој“, истакна д-р Ирина Пановска, директор на Клиниката за Хематологија.

Како сублимат на сите зафати кои успешно се реализирани на Клиниката за хематологија организирана е оваа работилница.

На работилницата учествуваа говорници кои се водечки експерти од областа на трансплантацијата во регионот и светот: Мохамед Мохти, Кристина Петерс, Радован Врховац и Матијаж Север.