Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска одржа средба со Делегација на Германското стопанство, како и со претставници на германски компании коишто работат во земјава. На средбата присуствуваа и министерот за здравство Венко Филипче, како и директорите на Агенцијата за катастар и недвижности и на Фондот за здравствено осигурување, Борис Тунџев и Ден Дончев.
Истакнувајќи дека Сојузна Република Германија е стратешки економски партнер на Република Северна Македонија, на средбата Премиерот Заев посочи дека во земјата успешно функционираат околу 200 компании со германски капитал, коишто вработуваат преку 20 илјади лица.
„Тука сме денеска за да ја почувствувате нашата свесност за вашиот придонес во македонската економија. Сметајте на нас, на мене лично и на Вицепремиерот Анѓушев.
Секоја Ваша критика е аларм да ги отстраниме слабостите. Верувам дека во нашата држава се повеќе ќе ги вградуваме европските стандарди и механизми“, потенцираше Премиерот Заев на средбата.
Премиерот Заев подвлече дека извозот од Северна Македонија кон Германија бележи раст од 17% и е речиси тројно повисок од увозот, и настојуваме уште повеќе да расте.
„Токму заради тоа напорно и посветено работиме да ја продлабочиме веќе воспоставената одлична соработка. И не само тоа - искрено сме насочени таа соработка уште повеќе квалитативно да ја подобриме. Потенцијалот за соработка е огромен. Ние сме отворени за влез на нови германски компании на македонскиот пазар“, заклучи Премиерот Заев.
На денешниот состанок со Делегација на германското стопанство и со претставници на германски компании коишто работат во Република Северна Македонија, којшто инаку беше четврт, редовен квартален состанок, заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев посочи дека како и досега, и натаму Владата ќе биде респонсивна за барањата на компаниите.
„Тука сме за заедно да ги надминуваме предизвиците со коишто се соочувате и навистина правиме се што е во наша можност. Верувам дека преку честата комуникација со стопанството, која ја правиме, полесно и поефикасно ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваат компаниите“, додаде Вицепремиерот Анѓушев.
Претставниците на компаниите со германски капитал, од своја страна, ги посочија најкрупните предизвици со коишто се соочуваат при нивното работење. За дел од нив проблем е недостигот на квалификуван кадар во определени струки, за други заштитата на животната средина.
Претставниците на компаниите со германски капитал во земјава, како и претседателот на делегацијата на Германското стопанство во земјава, Патрик Мертенс ја поздравија отвореноста на Владата на Република Северна Македонија за честите заеднички средби, каква што беше и денешната.
„Очекуваме државата да работи уште понапорно за да ги подобри условите и Република Северна Македонија да биде уште поатрактивна земја за инвестирање. Ние ги охрабруваме и другите компании да инвестираат тука, бидејќи сакаме и натаму да ја развиваме оваа земја“, заклучи претседателот на делегацијата на Германското стопанство во земјава, Патрик Мертенс.