Ние сме НАТО - Одиме во ЕУ

Република Северна Македонија како еднаков партнер на меѓународната сцена - дел од просперитетниот, демократски и правичен свет, којашто нуди шанса за сите свои граѓани.

Клучни приоритети:

1.1. Стабилна и безбедна земја - Ние сме НАТО
1.2. Преку реформите до европски вредности - Одиме кон ЕУ
1.3. Интеграциите носат инвестиции

Стабилна и безбедна земја - Ние сме НАТО!

Започна трката помеѓу земјите членки на НАТО за ратификацијата на Протоколот за членство на Северна Македонија во Алијансата. Исполнивме 27-годишна стратешка цел за нашата држава, со којашто се гарантира стабилноста и неповредливоста на границите, а од друга страна, земјата се отвора за странски инвестиции и економски развој.

Владата ќе ја информира јавноста за процесот на зачленување на земјата во НАТО и ќе ги презентира добрите практики и примери од земјите членки на НАТО, со цел да ги објасни реформските процеси коишто ќе произлегуваат од зачленувањето на нашата земја во НАТО и да ги доближи можностите и придобивките од тие реформи за граѓаните.

Преку реформи до европски вредности - Одиме кон ЕУ!

Сите ние, како граѓани на Република Северна Македонија, презедовме обврска да го изодиме патот кон ЕУ за да ја развиеме нашата држава во место каде што се живее добро.

Се подготвуваме за почеток на преговорите и очекуваме позитивна оценка во следниот извештај на ЕУ, со одлука за почеток на преговорите оваа година. Пакетот реформи на ЕУ коишто, пред сѐ, наша домашна обврска и потреба, вклучуваат:

  • Реформа на јавната администрација
  • Реформа во правосудството
  • Реформа во областа на разузнавањето и безбедноста
  • Борба против корупцијата и организираниот криминал

Дополнително, развојот во повеќе сектори со цел развивање европски стандарди на живот за граѓаните ќе биде поддржан преку фондови на ЕУ.

Владата на Република Северна Македонија ќе ја информира јавноста за подготовката и за процесот на преговори со ЕУ, како и за спроведувањето на пакетот реформи, со цел општествена консултација и доближување на реформите до граѓаните и зголемена динамика за суштинско спроведување на зацртаните промени.

Владата ќе ги информира граѓаните за можностите и за начинот на аплицирање за развојните фондови на ЕУ во различни области, заради зголемена и ефективна употреба на фондовите.

Интеграциите носат инвестиции

Стабилноста на државата носи сигурност за инвеститорите. Растат странските инвестиции; во 2018 година, НБРСМ забележа рекордно ниво на странски директни инвестиции од 624,5 милиони евра, за 267% повисок износ во однос на просекот на нивото на СДИ во периодот 2010-2017 година. Фокусот е ставен на привлекување странски компании со повисок степен на технолошки развој, за повисоко платени работни места. Во досегашниот мандат на оваа Влада, во фаза на реализација се 18 нови странски инвестиции, со најава за дополнителни позитивни одлуки, а десетици други изразуваат интерес за инвестиција. Оваа година се издвоени околу 10,5 милиони евра од Буџетот на РСМ за поддршка на странски директни инвестиции, за технолошки развој и повисока продуктивност, за знаења и вештини, за поттикнување на конкурентноста на пазарите и за подобрување на соработката со домашните компании.

Владата ќе комуницира со странските инвеститори и за условите за инвестирање во земјата преку три регионални канцеларии низ светот, со цел привлекување инвестиции и отворање нови, добро платени работни места во земјата. Дополнително, ќе ги информираме граѓаните и бизнис заедницата за новостите и ефектите од работата на технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) во Република Северна Македонија.

Види ги сите теми

Последни објави на темата