Држава за граѓаните - вложуваме во луѓето, се грижиме

Градиме држава којашто идните генерации со гордост ќе ја нарекуваат свој дом.

Клучни приоритети:

3.1. Достоинствена живејачка
3.2. Полицијата - пријател и заштитник на граѓаните
3.3. Услугата поблиску до тебе
3.4. Вложуваме за подобра животна средина
3.5. Децата и младите се најважни
3.6. Грижа за пациентите и современи болници 

Достоинствена живејачка

Граѓаните и фирмите ќе бидат информирани за новата правична казнена политика со којашто се намалуваат казните во насока на нивно приспособување кон животниот стандард - до 70% помалку за граѓаните и до 60% помалку за фирмите, и ќе реализира комуникации со коишто ќе се промовира намалувањето на извршителските и нотарските трошоци за 50% до 90%.

Комуникацијата ќе се фокусира и врз подигнување на свеста и информирање на ранливите групи граѓани за користењето бесплатна правна помош, со цел поголема заштита на правата на ранливите групи. Дополнително, ќе се спроведе кампања за информирање на ранливите категории граѓани и компаниите за измената на тарифата за извршување и нотарските тарифи, со цел запознавање на нивните права и заштита на достоинството преку приспособување на казните според животниот стандард на граѓаните и компаниите.

Полицијата - пријател и заштитник на граѓаните

Преку јавни кампањи ќе ги информираме граѓаните за воведувањето на маалските позорникари, со коишто се зголемува безбедноста и довербата меѓу граѓаните и полицијата.

Услугата поблиску до тебе

Институциите интензивно работат на граѓаните да им обезбедат помалку време по- минато на шалтер, брза и дигитализирана услуга достапна во секој дом, како и зголемена доверба кон државните сервиси.

Владата на Република Северна Македонија ќе ги информира граѓаните за отворањето на центрите „Една точка за услуги“, за скратените рокови за издавање документи со достава до домот и за воведувањето на една точка на контрола на границите, со што ќе се намали времето во кое граѓаните ја добиваат услугата.

Ќе спроведеме едукативна кампања за граѓаните во којашто ќе ги известиме за електронските и дигитални услуги коишто може да ги добијат од институциите.

Јавноста ќе биде информирана и за изградбата на нови патишта, како и за реконструкција на постојната патна мрежа во земјата, со цел граѓаните, општините и стопанството да имаат подобра поврзаност, полесна комуникација, брз и сигурен транспорт на стоките и услугите. Ќе ги информираме граѓаните и стопанството за изградба на нови пруги, преку коишто со соседите се поврзуваме железнички, на граѓаните им овозможуваме нови правци, а на компаниите поголема конкурентност и освојување нови пазари.

Континуирано ќе го информираме локалното население за изградба на пречистителните станици и за третманот на отпадните води со коишто се обезбедуваат чисти реки, заштита на почвата и заштита на подземни води/бунари, како и, воопшто, урбана хигиена, но и за изградбата на регионалните депонии, коишто ќе го зголемат квалитетот на живеењето, заштитата на животната средина и, воопшто, одржливиот развој на заедниците.

Ќе ги информираме граѓаните од руралните средини за можноста за здравствена услуга и нега во домот и за патронажните сервиси. Ќе се спроведе и информативна кампања за пациентите и лекарите во поликлиниките за реформите и можностите при зајакнувањето и проширувањето на примарната здравствена заштита, со цел да се обезбедат повеќе здравствени услуги за пациентите.

Вложуваме во подобра животна средина

Ќе ги мотивираме и ќе ги мобилизираме граѓаните, граѓанските организации и институциите со цел да се обезбеди здружена акција за реализација на Планот за чист воздух. Ќе ја информираме јавноста за серијата мерки за заштитата на природното богатство и биоразновидноста, обезбедувајќи долгорочна здрава животна средина и нејзин одржлив развој за граѓаните.

Децата и младите се најважни

Владата на Република Северна Македонија ќе ги информира граѓаните за инвестициите во детската заштита, во основното, средното и високото образование и во здравството, со цел овозможување квалитетен ран детски развој и квалитетен човечки капитал. Ќе ги промовираме предностите и можностите од згрижување деца без родители со цел да се обезбедат згрижувачки семејства и топол дом за што е можно повеќе деца. Граѓаните ќе се информираат и за социјалните политики со коишто се проширува правото за користење на образовниот и детскиот додаток за над 70.000 деца, со цел нивно извлекување над линијата на сиромаштија и вклучување во образовен процес.

Владата ќе ги информира учениците и нивните родители за употребата на новите дигитални методи за учење и стекнување вештини во образовниот систем, за модернизацијата на средното стручно образование и за реформите и контролата на квалитетот во високото образование.

Владата ќе ја промовира европската младинска картичка во Северна Македонија, со којашто младите ќе можат да добијат илјадници услуги од различни компании и институции во земјата и во Европа по повластени и пониски младински и солидарни цени.

Владата ќе ги информира младите идни лекари и актуелниот медицински персонал за  вложувањата во домашниот медицински кадар, за зголемувањето на платите и подобрувањето на условите за работа, со цел младите здравствени работници да останат тука и да обезбедуваат квалитетна здравствена заштита за граѓаните.

Грижа за пациентите и современи болници

Ќе продолжиме со спроведувањето комуникации за имунизацијата и за проширената база на лекови за ретките болести, со цел да го подигнеме колективниот имунитет и да обезбедиме навремена и современа терапија за оние на кои им е потребна.

Владата на Република Северна Македонија ќе ги информира граѓаните за подготовките и почетокот на изградба на новиот клинички центар, како и за тековните изградби, реконструкции и опремувања на јавните здравствени установи.

Владата ќе ги доближи до граѓаните придобивките од новиот закон за прекинување на бременоста.

Види ги сите теми

Последни објави на темата