Владина делегација присуствуваше на свечената Велигденска литургија во соборниот храм Св. „Климент Охридски“ во Скопје

Владината делегација во чијшто состав беа заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за финансии Драган Тевдовски и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, денеска присуствуваше на свечената литургија по повод најголемиот православен празник Христово Воскресение – Велигден, во соборниот храм Св. „Климент Охридски“ во Скопје.

Со свечената Велигденска литургија, во сослужение со членови на Архијерејскиот Синод и со свештенството на соборниот храм, чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Тој пред верниците меѓу другото порача дека „како што простувал Исус, така и ние граѓаните треба да знаеме да се покаеме и да му простиме на оној што ни згрешил. Човечки е да се греши, но човекот е уште поголем ако знае да простува“. 

Членовите на владината делегација на крајот од Велигденската служба му го честитаа празникот на Архиепископот Охридски и Македонски на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, како и на присутните свештеници и верници со традиционалниот Велигденски поздрав „Христос воскресна – навистина воскресна“.

Во исто време, честитка по повод големиот христијански празник Велигден, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев упати до Синодот и до свештенството на МПЦ-ОА.

Во честитката до поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот г.г. Стефан, премиерот Заев, меѓу другото напиша „во време на големи предизвици и искушенија, најголемиот христијански празник не потсетува да ја славиме победата на животот над смртта, победата на љубовта и на иднината над омразата и нетолеранцијата“.

„Радоста на празникот со победата на животот над смртта не повикува да ги обновиме духовните сили и да ја зајакнеме нашата посветеност кон највисоките животни вредности како што се заедништвото, меѓусебното разбирање и почитување, љубовта и слогата со сите наши блиски, соседи, знајни и незнајни, и пријатели, во заедница еднаква за сите“, порачува премиерот Заев во писмото со честитки до православните Христијани по повод Велигденските празници.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, писмо со честитки упати и до Црковното претставништво и верниците на Евангелско-методистичката црква во земјата.

„На сите Вас, верниците на Евангелско-методистичката црква, Ви посакувам овој голем христијански празник да го поминете со Вашите најблиски во здравје и благосостојба.

Христос Воскресна – Навистина Воскресна“, отпоздравува во писмото, премиерот Заев.