132-ра седница на Владата на Република Северна Македонија

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 132 седница со повеќе точки на дневен ред од својата програмата за работа и од интерес на граѓаните.

На оваа седница министрите во Владата ќе ја разгледаат Предлог-одлуката за утврдување на стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија во 2020 година (со прилог Анализа на остварени резултати од спроведувањето на стратегиските приоритети на Владата во 2018 година).

На предлог на Министерство за информатичко општество и администрација за денешната седница се предложени на разгледување и натамошно процесуирање Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, и Предлог-законот за изменување на Законот за вработените во јавниот сектор.

Владата на РСМ на денешната седница ќе се произнесе за Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово за реципрочно признавање на возачки дозволи.

Министерството за труд и социјална политика на оваа седница ќе го презентира Извештајот за преземени мерки и активности за 2018 година и Оперативен план за 2019 година за спроведување на Националната стратегија за стари лица 2010-2020 година, а Министерството за финансии на дневниот ред ја стави Информацијата за Стратегијата за развој на ИКТ на Царинската управа.

Седницата на Владата на РСМ е предвидено да започне во 12:00 часот. 

Календар Влада: 
Tuesday, April 30, 2019 - 00:00 to 23:45