Премиерот Заев и владина делегација ќе учествуваат на Конференција за Западен Балкан во Берлин, на покана на канцеларката Меркел и претседателот Макрон

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев по покана добиена од канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел и претседателот на Република Франција, Емануел Макрон ќе учествува на Конференција на шефови на држави и влади од ЕУ и од земјите на Западен Балкан, којашто ќе се одржи во Берлин, денеска, 29 април 2019 година, во попладневните часови. Владината делегација предводена од премиерот Заев ја сочинуваат и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Целта на состанокот е да се обезбеди дискусија за политичката ситуација во регионот на Западен Балкан. Фокусот на разговорите ќе биде ставен на можностите за унапредување на регионалната соработка и решавање на отворените прашања, како на пример нормализација на дијалогот меѓу Србија и Косово.

Во светло на поставените теми за дискусија, успешните договори со Бугарија и Грција, и пристапот на надминување на проблемите и пријателството што го гради Северна Македонија, претставуваат модел што другите можат да го следат. 

Заеднички интерес на сите држави и народи е да има мир и стабилност во регионот, подобрување на регионалната соработка, унапредување на економската соработка, посветеност на демократските реформи и забрзување на процесот на ЕУ интеграции.

На маргините на посетата, премиерот Заев и делегацијата ќе имаат можност за билатерални средби со другите шефови на држави и влади.

Календар Влада: 
Monday, April 29, 2019 (All day)