Од 132 седница на ВРСМ: Утврдено решение за полнење со вода на градското езеро „Прилеп“; Мерки за подобрување на режимот на водите и речниот материјал и за заштита на животната средина; Утврден Предлог-законот за реципрочно признавање на возачките дозволи

На денешната седница Владата на Република Северна Македонија го разгледа извештајот „Ефективност на политиките, мерките и активностите при доделувањето на водното право“, кој Владата на РСМ го нарача од Државниот завод за ревизија со цел да се даде оценка за ефективноста на политиките, мерките и активностите од експлоатацијата на водите и водните сливови, како и соодветни препораки за подобрување на состојбите со управување со водите и доделувањето на водното право, односно на дозволи за експлоатација на водите.

Од понудените сознанија од извештајот на денешната седница Владата усвои повеќе одлуки и препораки за да се обезбеди поголема ефикасност од доделувањето на дозволи за експлоатација на водите, како и за обезбедување на соодветни услови за вршење мониторинг на квантитетот и квалитетот на водите и на испуштањето на отпадните води, како и за ефикасна наплата на надоместокот за водно право и за целосно и континуирано користење на средствата исплатени од надоместокот за експлоатација на водите за севкупно подобрување со водите како дејност од јавен интерес.

На оваа своја седница Владата го разгледа и извештајот за извршената ревизија на успешност - „Ефективност на политиките, мерките и активностите при експлоатација на чакал и песок од вардарскиот речен слив“, со цел да се стекне оценка за успешноста на мерките и активностите преземени од надлежните институции за експлоатацијата на песок и чакал од вардарскиот речен слив, а кои треба да резултираат со заштита и подобрување на режимот на реките и заштитата на животната средина.

Од сознанијата на извештајот што за потребите на Владата на РСМ го подготви Државниот завод за ревизија, се донесени повеќе заклучоци, препораки и задолженија за надлежните институции од кои треба да се очекуваат поголема контрола на експлоатацијата на песокот и чакалот кои во најголема мерка треба да се користат за регулација на реките во случаи на поплави и ерозија, потоа воспоставување на регулиран пазар за продажба на овој речен материјал, како и мерки за подигнување на јавната свест за штетните последици од несовесната експлоатација на коритата и бреговите на речните водотеци.

Владата на Република Северна Македонија денеска донесе мерки со кои се решава состојбата со акумулацијата „Прилеп“, популарно познато како - градско езеро. На седницата е донесен заклучок со кој на ЈП Студенчица - Кичево му се укажува во наредниот период, до постигнување на соодветното ниво на вода во градското езеро „Прилеп“, вишокот на вода кој ова претпријатие го испушта во реката Треска да го пренасочи и отстапи во акумулацијата „Прилеп“ за потребите на Акционерското друштво Водостопанство на Република Македонија, во државна сопственост, Скопје, Подружница Прилепско Поле - Прилеп, додека не се обезбеди минимум 1.000.000 м3. Вишокот вода од изворите Студенчица треба да се пренасочи кон акумулацијата „Прилеп“ откако ќе се задоволат потребите за водоснабдување на градовите, енергетските потреби и биолошкиот минимум, без надомест и во рамките на хидролошките услови.

Владата ги разгледа и утврди новиот Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, и Предлог-законот за изменување на Законот за вработените во јавниот сектор, со цел хармонизација на домашното законодавство во поглед на спроведувањето на реформата во безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Северна Македонија, која повлекува вработените и актите за внатрешна организација и систематизација во Агенција за национална безбедност да бидат изземени од организациската поставеност на Министерството за внатрешни работи и истите да бидат третирани во друга подгрупа (овластени службени лица) на вработени во јавниот сектор, односно статусот на вработените и актите за внатрешна организација и систематизација да бидат уредени со материјален закон. 

Двата предлог закони ќе бидат доставени до Собранието на РСМ на усвојување во редовна собраниска постапка.

До Собранието на РСМ ќе биде доставен и Предлог на Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово за реципрочно признавање на возачки дозволи, кој денеска беше усвоен на 132 седница на Владата на РСМ.

На барање на Собранието на Република Северна Македонија, Владата на РСМ денеска донесе заклучок да даде негативно мислење за Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) за 2018 година.

На седницата на Владата е заклучено дека извештајот на КЗД не дава целосна слика за состојбите со дискриминацијата, имајќи предвид дека податоците кои се објавени не се вкрстени по повеќе параметри и покрај тоа што во извештајот се наведува дека има поголем процент на претставки поднесени од жените, поради што не може да се констатира состојбата по однос на дискриминацијата по сите законски основи. Дополнително, Владата на РСМ заклучи дека од извештајот на КЗД не може да се согледа следењето и постапувањето по предметите кај кои е констатирана дискриминација и дали Комисијата има поведено прекршочна постапка согласно нејзините ингеренции и уште заклучи дека му препорачува на Собранието Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита од дискриминација за 2018 година да биде вратен на доработка.

На оваа своја седница Владата на РСМ ја усвои Предлог-одлуката за утврдување на стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија во 2020 година кои со еднакво значење се однесуваат на: Развојот на економијата и вработувањето, како и подигнувањето на животниот стандард на граѓаните; Полноправното членство во НАТО; Успешно водење на процесот на преговори за пристапување во ЕУ; Одлучна и неселективна борба против организираниот криминал; Јакнење на владеењето на правото и изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа; Реформи во образованието и инвестиции во иновации и информатичка технологија; Реформи во правосудството; Целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и кохезија на општеството врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување; и, Намалување на загадувањето.