Сите подготовки за посетата на Папата Франциск се направени на највисоко рамниште со апел до граѓаните за трпеливост и прилагодување на посебните сообраќајни правила и пристап до другите услуги

Претседателот на Координативното тело за организацијата на посетата на Папата Франциск и државен секретар на Министерството за надворешни работи Виктор Димовски, државниот секретар на Министерството за здравство Владимир Милошев и помошникот министер за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски, денеска ја одржаа третата прес конференција на која споделија информации за одредени сервисни, сообраќајни и безбедносни информации од посебен интерес за граѓаните за време на еднодневната посета на високиот гостин на нашата земја.

 

Димовски на конференцијата за медиумите истакна дека се направени сите неопходни подготовки за посетата на Папата, и упати апел до граѓаните за разбирање и за поголемо трпение заради посебните безбедносни и сообраќајни правила што во текот на утрешниот ден ќе бидат преземени за непречена реализација на посетата и за непречено извршување на приватните и работните обврски на граѓаните за време на утрешниот работен ден.

 

Државниот секретар во Министерството за здравство Владимир Милошев на прес конференцијата истакна дека сите граѓани, во текот на утрешниот ден, навремено и непречено ќе ги добијат неопходните здравствени услуги и интервенции.

 

Согласно посебниот план на Министерството за здравство, во Клиничкиот центар од денеска од 18:00 часот до утре (7 мај) до 18:00 часот, нема да биде дозволено паркирање на приватни автомобили, односно во кругот на комплексот клиники ќе се пропуштаат само возилата на Итната медицинска помош.

 

Милошев потенцираше дека тоа не значи дека Клиничкиот центар ќе биде затворен, но пристапот до него ќе биде ограничен во временските интервали од 08:30 до 10:00 часот претпладне, и во одреден период во попладневните часови.

 

Од овие причини упатен е апел сите граѓани коишто во овој временски интервал ќе имаат потреба од медицинска услуга да се упатуваат во Градската општа болница „8 Септември” (или поранешната Воена болница), или во Универзитетската клиника по хируршки Болести „Св. Наум Охридски“ (поранешна Градска), во центарот на Скопје која ќе биде постојано достапна за граѓаните.

 

Овие две големи здравствени установи, односно „8 Септември“ и клиниката „Св.  Наум Охридски“ утре ќе работат со полн капацитет и целосна мобилност со цел да одговорат на потребите на граѓаните.

 

Клиниката за гинекологија и акушерствo ќе биде достапна за пациентките, како и клиниката за детски болести, до која ќе се пристапува од задниот влез на Клиничкиот центар, поточно од кај хотелот Тасино Чешмиче.

 

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Тони Ангеловски соопшти дека МВР ги направи сите неопходни подготовки за посебни сообраќајни правила и режим за време на Апостолската посета на Папата со цел да се обезбедат сите безбедносни обврски за посетата на високиот гостин, како и да обезбедат оптимални услови за движење на граѓаните за остварување на нивните приватни и работни обврски.

 

Во централното градско подрачје во Скопје, поточно во појасот “Голем ринг”, во вторник на 07.05.2019 година, од 06:00 часот до 19:00 часот, ќе има забрана и ограничување на сообраќајот и истиот ќе биде пренасочен на сообраќајниците околу центарот во Скопје за да се обезбедат алтернативни решенија.

 

Во овој временски период ќе се формира “Рестриктивна зона” во која за автомобили целосно ќе бидат затворени следните сообраќајници: Ул. ,,11ти Октомври” од крстосницата со бул. ,,Кочо Рацин” до крстосницата со ул. ,,Димитрие Чуповски”, ул. Даме Груев, ул. ,,Македонија”, ул. ,,Васил Главинов”, ул. ,,Филип 2ри Македонски”, ул. ,,Св. Климент Охридски”(адвокатска) и ул. ,,Иљо Војвода”, а сообраќајот на бул. „Мајка Тереза“ (поранешна „Водњанска“) ќе биде затворен во временскиот интервал од 08:15 до 10:15 часот.

 

Сообраќајници по кои ќе биде дозволено непречено одвивање на сообраќајот за време на официјалната посета на Папата, се следните: бул. ,,Кочо Рацин”, ул. ,,11-ти Октомври” од крстосницата со бул. ,,Кочо Рацин” до крстосницата со бул. ,,Борис Трајковски”, ул. ,,Св. Кирил и Методиј”, бул. ,,Св. Климент Охридски”, бул. ,,Партизански Одреди”, ул. ,,Самоилова” и бул. ,,Гоце Делчев”.

 

Од МВР апелираат до граѓаните на трпеливост и почитување на поставената сообраќајна сигнализација и наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Сите паркинзи на Паркинзи Општина Центар, и на ЈП Градски Паркинг ќе бидат бесплатни уште од 6 мај, понеделник, после 17 часот, како и во текот на целиот ден во вторник на 7 мај, а дополнителен апел до граѓаните е упатен и за користење на јавниот автобуски превоз, кој како и железничкиот, во текот на утрешниот ден ќе биде бесплатен.

 

Посебни сообраќајни правила на движење на автомобили на трасата од Меѓународниот аеродром Скопје до централното градско подрачје на Скопје на ден 07.05.2019 година во временските интервали од 07:30 часот до 09:00 часот, како и од 17:00 часот до 18.30 часот,

 

Се препорачува сите граѓани кои на 7 мај имаат лет преку Меѓународниот аеродром Скопје да се упатат кон аеродромот најмалку еден час порано од вообичаеното, со оглед што движењето по споредните сообраќајници може да трае подолго од планираното.

 

За време на апостолската посета на Папата Франциск на Република Северна Македонија движењето во централното градско подрачје (познато како Мал ринг), за сите граѓани ќе биде непречено, но забавено, бидејќи овој појас ќе биде строго обезбедена зона, а пристапот до оваа зона ќе биде можен само со важечки документ за идентификација и да поминат низ безбедносни проверки.

 

Сите детални информации за сообраќајниот режим на 7 мај може да се најдат на https://papa.mk/soobrakjaj/

 

Информации за пристапот и за работата на јавните здравствени установи на 7 мај на линкот https://papa.mk/article/1977/