Министерот Поповски од седницата на Генералната комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка: Отвораме организиран фронт за борба против дезинформациите

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски денеска имаше обраќање на Седницата на Генералната комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа на темата "Борба против дезинформациите во Југоисточна Европа".

Во продолжение Ви го пренесуваме обраќањето на министерот Поповски во целост:

 

 

Потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија г-дин Мисовски, почитуван претседавач г-дин Адеми, пратеници, Почитувани членови на Генералната комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, почитувани претставници на медиумите.

Ми причинува особено задоволство можноста денеска на ова место, од оваа говорница да се обратам на една ваква исклучително значајна тема од регионално, локално и глобално значење.

Феноменот на лажните вести го отвори прашањето за иднината на новинарството во дигиталната ера. Го отвори на начин кој е навистина веќе алармантен и кој го бара соодветниот одговор. 

Потрагата по вистинските, најсоодветни одговори на ова прашање е од огромна и суштинска важност.

Ако продолжи да опаѓа квалитетот на новинарството и ако на медиумите им се заканува редефинирање на нивната позиција во општеството, тогаш мора да прифатиме дека со тоа се загрозуваат човековите права, основните слободи и опстојувањето на демократскиот амбиент, во кој медиумите и новинарството имаат пресудна улога во создавањето услови за формирање на слободно и критичко јавно мислење.

Лажните вести не се само фраза без име и презиме. Тоа е ефект кој го гледаме секојдневно по медиумскиот простор, во екстремна форма и димензии во дигиталниот простор. Таму информациите се пласираат без можност за проверка на фактите, и без исклучок со наслови специфично осмислени за да ловат кликови, односно посетеност. Најчесто наменети за да дискредитираат личности. 

Денес, користејќи ја развиената технологија, дезинформациите ги менуваат нашите општества, предизвикуваат конфликт, омраза, параноја, заговор. 

Во регионален контекст, лажните вести кои се насочени кон етничка, политичка и верска нетрпеливост се заеднички непријател на трендот на помирување на земјите од Западен Балкан и нивната конечна европеизација.

За да покренеме крај на ваквите негативни процеси, Владата на Република Северна Македонија презеде учество во повеќе иницијативи на кои се договорени конкретни активности за борба против дезинформациите.

Неодамна, во Атина, организиравме заедничка конференција со Владата на Грција за лажните вести поврзани со Договорот од Преспа, кои имаа цел да ја спречат реализацијата на овој историски договор за одговор на прашањето што беше испречено меѓу двете земји и кое го кочеше развојот на меѓусебните пријателски односи и нашите евро-атлантски интеграции.

Се договоривме дека ќе најдеме начин да ги заштитиме граѓаните и да се избориме со злото на лажните вести и дека ќе застапуваме организиран фронт за борба против дезинформациите.

Владите на нашите две земји, заедно со новинарите, медиумите и граѓаните, разговараа да бидат на чело на тој фронт.

Претходно, регионалниот Дигитален Самит за Западен Балкан, што го организиравме во нашата земја минатата година, на темата дезинформации посвети посебно внимание.

Како прв од ваков вид во регионот, Самитот беше заокружен со посебна панел дискусија за појавата на лажните вести, како неизбежна, нус појава од глобалната дигитализација.

Минатата година, Владата на Република Северна Македонија со поддршка на УСАИД програмата, исто така организираше јавна расправа и дебата каде што беа поканети претставници на медиумите, новинарските организации и здруженија, власта и опозицијата, во градот Велес којшто стана синоним за лажни вести за време на претседателските избори во САД и токму таму го дискутиравме овој феномен и прашањето коешто не загрижува сите. 

Тогаш рековме и повторно тврдам дека нема поголем непријател на вистината од лагата, но истовремено дека вистината е најдобар одговор на лажните вести.

Почитувани,

Активната транспарентност е, исто така, голем и соодветен непријател на лажните вести и дезинформациите. Транспарентноста и пристапот до отворени податоци, е изборот на Владата на Република Северна Македонија. Кога Република Северна Македонија беше обележана како „заробена држава“ беше така квалификувана и заради крајно загрижувачките извештаи за состојбата со слободата не медиумите и на изразувањето во државата. 

Со политичките промени кои и формално го означија крајот на длабоката политичка криза, во Република Северна Македонија влеговме во период на обнова на општественото ткиво и на враќање на довербата на граѓаните во институциите и во системите за контрола и корекции каде што свое значајно место имаат медиумите и медиумските работници.

Владата на Република Северна Македонија и нејзините политики демонстрираа дека постои силна политичка волја и стручна подготвеност да ги спроведеме медиумските реформи и да ги подобриме условите за работење на медиумите на најтранспарентен начин во соработка со медиумските професионалци.

Во согласност со своите темелни принципи за транспарентност и инклузивност, најавивме и покажавме дека при донесувањето на законите и законските измени, целта на Владата е да се чуе гласот на медиумските професионалци. 

Ефектите на овие политики даваат конкретни резултати: Северна Македонија се искачи за 14 места на последниот светскиот индекс за слободата на медиумите на Репортери без граници за 2018 година, и од 109 место во 2017, сега е на 95-тото.

Ова е најдобар резултат за слободата на медиуми во Северна Македонија во последните пет години.
Во претходните, мрачни времиња, бевме на 123 место.

Извештајот на репортери без граници е правен за 2018 година, меѓутоа некои делови и некои забелешки се веќе отстранети. Така на пример отстранета е можноста Државната изборна комисија да го набљудува известувањето на медиумите за време на изборните процеси и тоа се потврди за време на претседателските избори. Она што беше спомнувано дека се уште на некој начин постои обид за напади врз новинари и медиуми, целосно сме посветени на нула тореланција за било какв напад, влијание и притисок врз медиумите и новинарите и тамо има еден интересен податок во извештајот вели дека Јавниот сервис во Република Северна Македонија замислете се уште е под влијание на поранешната владеачка конзервативна партија. Сакам да ве информирам дека реформите во медиумите се базираат пред се на донесувањето на новиот Закон за аудиовизуелни медиумски услуги во Република Северна Македонија, којшто од нам нејасни причини во Собранието на Република Северна Македонија во матичнте комисии опозицијата го блокираше речиси една година, но и овој закон беше донесен на крајот на минатата година и очекувам дека токму реформискиот процес е капацитет што овој закон го овозможува ќе реализира со целосно ослободување од било какво влијание на Јавниот радиодифузен сервис и на Агенцијата за аудио и аудиoвизуелни медиумски услуги која е медиуски регулатор.   

Сега продолжувам и повторно ќе говорам за она што Владата и политиките на Владата го овозможуваат во насока на ослободување на јавната сфера. 

Еве ги промените што го овозможија тоа:

  • Во последните две години, за прв пат, после претходните 10 години, имаме повеќе критички текстови од пофалби, укажувања, сугерирања за работата на Владата, за медиумските слободи и права, за секое прашање од важност за граѓаните. 
  • Оваа Влада обезбеди услови за гласност, а не за молк. Гласност треба да има, и ние сме горди што учествувавме во создавањето на тој амбиент.
  • Тоа е еден од предусловите за истражувачко новинарство, и затоа се зголеми бројот на истражувачките стории. 
  • Гласноста им овозможува на професионалните и независни медиуми да го артикулираат гласот на граѓаните и интересот на јавноста во една демократска држава. 

На врвот на политиките на актуелната Влада на Република Северна Македонија е концептот на отворена влада:
За демократизација на јавниот, а со тоа и на медиумскиот амбиент; 

За максимална поддршка на слободното и професионално новинарство, и активна транспарентност и достапност за своите политики го трансформиравме Секторот за односи со јавноста.

Владата и сите владини институции се целосно отворени и достапни за медиумите и граѓаните.

Нема ден без прес конференција. Понекогаш и по две или три во еден ден. 

Без предрасуди и комплекси, како своја програмска политика, се отворивме пред јавноста со сиот ризик. 

Тоа не остана незабележано:

ACTION SEE (проект финансиран од ЕУ) во последното истражување ја рангираше Владата на Северна Македонија на прво место и ја прогласи за најотворена меѓу владите од регионот. За разлика од ова истражување, во претходното од 2016 година Владата беше на последното место по индексот на отвореност.

Владата на Република Северна Македонија постави нови стандарди во однос на комуникациите, транспарентноста и отчетноста. Ја слушнавме и ја слушаме конструктивната критика на новинарите, препораките на стручната јавност и на граѓанските организации, гласот на граѓаните и одлучивме активности да ги усовршуваме и да добиваат нови, креативни решенија.

Во таа насока беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Владата на Обединетото Кралство и Северна Ирска и Владата на Република Северна Македонија, за поддршка во креирањето и реализацијата на Стратегијата за комуникации.

Тоа беше уште еден чекор повеќе кон подобра, поодговорна и суштествена комуникација на Владата и на нејзините активности во интерес на граѓаните на нашата земја.

Како резултат на таа соработка, за прв пат е подготвен стратешки документ за комуникација со јавноста со утврдени принципи врз основа на кои е формиран професионален сектор за комуникации за да се оствари ветената цел: Поголема транспарентност и отвореност на Владата на Република Северна Македонија, како и редовна подготовка, следење и известување за јавните активности на премиерот Заев и на останатите членови на Владата.

Длабоко сме уверени дека отвореноста и достапноста на податоците од државните институции ќе поттикне подобра координација, креативност и ефикасност во односите меѓу јавноста, бизнисите и граѓанското општество во нашата земја.

Почитувани,

Владата на Република Северна Македонија ги создава сите предуслови за да обезбеди пристап до максимален и разноличен избор на извори на информациите за да се обезбеди максимално објективна слика за настаните и процесите. 

Идеално би било граѓаните да развијат практика на следење на вести од различни извори и да бидат критични кон информациите кои ги консумираат. Но, не може да очекуваме од секој граѓанин да ја проверува информацијата пред да ја прифати како таква. Тоа е работа и на регулаторните тела. 

Клучот е во рацете на новинарските професионалци. Не само на национално ниво, туку и на регионално. Да се саморегулираат и да се држат до етичките и професионални стандарди. Владите и сите политички субјекти се должни да ги поддржат овие стандарди.

Како поддршка на слободата на изразување и на условите за најдобри новинарски практики, Владата на Република Северна Македонија уште на една од своите први седници усвои изјава за изразување силна политичка волја, како и поддршка на Владата и на нејзините институции, за континуирана примена на етичкиот кодекс за медиумско известување, и за силно охрабрување на примената и почитувањето на системот за медиумска саморегулација. 

Во насока на обезбедување на услови за квалитетно новинарство во дигиталната ера, политиките на Владата секогаш се раководат од тоа што медиумите и медиумските професионалци ќе го утврдат како највисоки етички стандарди во остварувањето на нивната благородна професија.

Почитувани,

Имајќи го предвид сето погоре наведено, Владата пристапи и кон измени и дополнувања на законската регулатива со цел професионализација и департизација на регулаторното тело и јавниот радиодифузен сервис. 

Со усвоените измени и дополнување на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги обезбедивме транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис, и транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги. 

Во содржината и суштината на предложената измена и дополнување се интегрирани препораките на новинарските и медиумските организации, кои претходно беа игнорирани, а дополнително ги вградивме и клучните препораки на експертите на Советот на Европа и на ОБСЕ во врска со намалувањето на политичкото влијание врз медиумите, јавниот сервис и медиумскиот регулатор. 

Со начинот на избор на членовите на Советот и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и јавниот радиодифузен сервис обезбедивме предуслови за професионални персонални решенија, без постоење на судир на интереси и политички влијанија. 

Во однос на Националната радио телевизија се воспоставени солидни законски основи за независна уредувачка политика и одржлив систем на финансирање. 

Политичкиот плурализам во медиумите и спречувањето на говорот на омраза во медиумите сега се уредува преку воведување на можноста Советот на Агенцијата, непристрасно и независно, да изрече соодветни мерки за сите кои вршат повреди на законските одредби. 

Го укинавме владиното рекламирање и можноста Владата да биде доминантен огласувач во медиумите, а со тоа ја отстранувме и можноста за влијание врз уредувачката политика на приватните медиуми. 

Реализирана е поддршка за печатените медиуми, Владата на Северна Македонија ги субвенционира трошоците на печатените медиуми до 50 проценти за печатење и дистрибуција на медиумите на македонски јазик и до 70 проценти за печатење и дистрибуција на медиумите на другите етнички заедници, со што го поттикнуваме и унапредуваме етничкиот диверзитет во државата. Печатените медиуми се историски генератор на етичко и професионално новинарство.

Почитувани,

Исклучително важно е и образованието. Формалното и неформалното.

Како Влада, ја отвориме дебатата за усовршување на сегашните образовни програми, како и за поддршката што се очекува од нас за системско присуство на медиумската писменост и во неформалното образование.

За нас е апсолутно прифатливо да разговараме за поширока промоција и имплементација на медиумската писменост во општеството и за сеопфатен системски приод во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни: Министерството за образование и наука, Министерството за информатичко општество и администрација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, претставници од образованието на сите степени, медиумски и новинарски организации и саморегулаторното тело, граѓански организации што се занимаваат со темата медиумска писменост, Јавниот сервис - МРТ и медиумите/новинарите, како и самите граѓани.

Остануваме и понатаму на владините политики за поддршка на сите иницијативи за граѓаните да се стекнат со добро разбирање за медиумите, добро да ги читаат и препознаваат скриените агенди, и да се стекнат со вештини за селекција на информациите.

Веруваме во тој концепт, зашто медиумската писменост за медиумски еманципирани граѓани активира процеси кои им овозможуваат на граѓаните активно да учествуваат во јавните дебати и да влијаат врз промените.

Таквите граѓани ги предизвикуваат институциите и политичките елити на поголема транспарентност,отчетност и одговорност.

Благодарам.