Сугарески: Во моментов се работи на преку 90 проекти, патишта, мостови и патарини со вкупна должина од преку 700 километри и вредност од над 850 милиони евра

Изградбата на капиталните проекти се приоритет број еден за Владата. Најавивме дека оваа ќе биде економска година и се држиме до таквите изјави. Само преку ЈП за државни патишта во првиот квартал реализирани се преку 50 милиони евра во изградба и реконструкција на патната мрежа во земјава. Тоа е на пример за три пати повеќе инвестиции во споредба со првиот квартал од минатата година, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов извршија увид во реконструкција на регионалниот пат Драчево - Орешани - Таор.

Министерот Сугарески потенцираше дека само во моментов се работи на преку 90 проекти и тоа патишта, мостови, патарини со вкупна должина од преку 700 километри патишта и вредност од над 850 милиони евра.

„Засилено работиме на гасификацијата, ја интензивиравме изградбата на железницата кон Бугарија и реално очекувам втор и трет квартал да имаме силен раст на капиталните инвестиции. Ни претстои долга градежна сезона, очекуваме се што најавивме за изградба и реконструкција во инфраструктурата да реализираме за оваа година, и уверен сум дека ни претстои силна економска година посветена на инфраструктурата”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека интензивно се работи на цела територија на државата. Реконструкцијата на овој пат е барање на жителите и целосната се очекува да заврши до крајот на мецец јули оваа година, потенцираше директорот Китанов. 

„Овој пат е само еден дел од патиштата што се работат низ државата. Ве уверувам дека не постои општина каде што во моментов не е отпочната рехабилитација или реконструкција на пат или мост. Тоа значи интензивна работа која во наредниот период се повеќе и се повеќе ќе се зголемува а ќе најголем бенефит ќе имаат граѓаните”, изјави Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.

На новинарско прашање во однос на изградба на пругата кон Бугарија, министерот Сугарески информираше дека се завршени 50 проценти од работите и дека за првата делница градежните работи сериозно се интензивирани, за втората делница се очекува до крај на годината да се избере изведувач и да почне изградбата, а за третата од Крива Паланка до бугарска граница, Министерството за финасии работи на обезбеудвање средства. Таму имаме 60 милиони грант средства од ИПА, потенцираше министерот Сугарески.