Николовски: Преземаме мерки за заштита на пчелите и развој на пчеларството; Одговорното однесување кон природата продолжува со идните генерации

Во пресрет на Меѓународниот ден на пчелите 20 мај, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со министерката за земјоделство, шумарство и прехрана на Република Словенија Александра Пивец, амбасадорот на Република Словенија Милан Јазбец и градоначалникот на Охрид Константин Ѓеоргиески, беа во посета на основното училиште „Братство Единство“ во Охрид.

Министерот Николовски на младите им го објасни огромното биолошко значење на пчелите, процесот на опрашување и пчелните производи како медот, прополисот, матичниот млеч, поленот кои изобилуваат со витамини и кои се неопходни особено за младите во развој. Николовски пред основците ја потенцираше важноста за зачувување и негување на пчелите, бидејќи нивните производи не можат да се добијат во фармацевтските лаборатории.

„Ние треба да сториме сé што е во наша моќ за да ги прифатиме и поддржуваме пчелините семејства но и луѓето во нашите земји кои се грижат токму за нив. Ваквата лекција треба да ја научиме од најмали нозе и да ја кажуваме на сите околу нас. Одговорното однесување кон природата и сите позитивни промени почнуваат токму најмладите генерации“, изјави Николовски.

Денес, бројот на пчелни семејства во Македонија е околу 90.000. Неодамнешните студии покажуваат дека нашата македонска автохтона пчела преживува значително подолго од ново-воведените видови во овој регион, без третмани против патогени.

„Владата на Република Македонија преку Министерството кое што е надлежно презема низа на мерки и политики за заштита на пчелите и развојот на оваа значајна гранка. Минатата година ја потпишавме и Декларација со која се обврзуваме на сите овие цели, но и на подигање на јавната свест за улогата на пчелите и другите опрашувачи во зголемување на приходите во земјоделство и во зачувувањето на здравата животната средина“, додаде Николовски.