Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и UN Woman, предложи, а Владата ја прифати Предлог - програма за изменување на Националната програма за развој на земјоделството и рурален развој за период од 2018-2022 година. Во насока на поддршка на жените од руралните средини, со измената се предвидува поддршка во вид на неповратна финансиска поддршка во висина од 180 илјади денари за инвестиции коишто ќе придонесат за развој на руралните средини.
На денешната седница беше прифатен и Предлог - законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за основање на Културно-информативни центри во Република Северна Македонија и Културно - информативни центри во Република Албанија. Со спогодбата се воспоставува правна рамка за основање на културно - информативни центри, преку кои уште повеќе ќе се интензивираат релациите во сите дејности од областа на културата, презентација и афирмација на културите на двете земји, како и институционално поврзување на субјектите од Република Северна Македонија и Република Албанија што би резултирало со голем број на заеднички проекти и иницијативи. Отворањето на културните центри ќе придонесе за популаризација и презентирање на традицијата, културата и уметноста на Република Северна Македонија, ќе овозможи навремено и изворно информирање на граѓаните за актуелните културни текови во двете држави и ќе претставува мост за зближување и заемно запознавање меѓу народите.
Министрите денеска ја прифатија информација во врска со усогласениот текст на Протоколот меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Црна Гора за соработка во областа на европските интеграции. Склучувањето на овој Протокол, како основа, е произлезено од Договорот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Црна Гора во контекст на процесот на пристапување во Европската Унија, склучен во Подгорица, во октомври 2011-та година, а неговата цел произлегува од стратешката приоритети за остварување полноправно членство на двете држави во Европската Унија.
На 136-та седница членовите на Владата ја прифати информација за напредокот на проектот реконструкција на казнено-поправните установи во Република Северна Македонија, а којашто се однесува на текот на реализираните активности во Казнено-поправната установа Затвор Куманово со Отворено одделение во Крива Паланка, село К'шање, општина Куманово, Казнено-поправната установа КПД Идризово општина Гази Баба, Воспитно-поправната установа ВПД Тетово општина Брвеница и Казнено-поправната установа Затвор Скопје, општина Шуто Оризари. Основна цел на проектот е унапредување на процесот на извршување на санкциите, преку остварување и унапредување на човековите права во однос на условите за сместување, хигиената, здравствената заштита, работните и слободните активности на осудените и притворените лица.
На предлог на министерството за здравство, Владата ја прифати информацијата за приклучување на Република Северна Македонија кон Иницијативата за перформанси на примарна здравствена заштита. Вклучувањето во ова тело овозможува пристап до меѓународна експертиза, вмрежување и зајакнување на капацитетите, но исто така носи и обврски за посветеност кон комплетирање на профилот и заедничка проценка на функционалните капацитети на примарната здравствена заштита.
Иницијативата е основана во 2015 година, од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, Светската здравствена организација и Групацијата на Светска банка и работи на унапредување на примарна здравствена заштита. Нејзината цел е да ги поддржи земјите во нивните напори за постигнување универзална здравствена покриеност преку развој на алатки за мерење на перформансите и стратегии за подобрување на системот на примарна здравствена заштита. Северна Македонија станува дел од ова тело, на покана токму на Иницијативата за перформанси на примарна здравствена заштита.
Дел од одлуките на денешната седница е и информацијата за првиот годишен извештај за спроведување на Акцискиот план на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 година. Според извештајот, во изминатиов период беа реализирани клучни резултати од Стратегијата и тоа во неколку приоритетни области:
1. Креирање на политики и координација
- зајакната е соработката и координацијата помеѓу Владата и Собранието, преку редовна подготовка и доставување на Законодавна агенда на Владата до Собранието;
- бројот на нацрт Извештаи за проценка на влијание на регулатива кои ги исполнуваат минимум критериумите во однос на процедурата и транспарентноста на процесот порасна за 20% во 2018 споредено со 2017-та година;
2. Јавна служба и управување со човечки ресурси
- воспоставена е платформа на мрежа за управување со човечки ресурси за континуирана поддршка за вработените во организациски единици;
- зголемена е објективноста во мерењето на учинокот на административните службеници;
- намален е процентот на жалби и приговори поднесени од кандидатите на донесените одлуки за вработување/унапредување од 2017 во 2018 година;
- започнат е процесот на професионализација на високата раководна служба.
3. Одговорност, Отчетност и Транспарентност
- извршено е мапирање на сите институции со податоци за вид, статус, надлежности, во каталогот на институции на Република Северна Македонија;
- поставена е основа за спроведување на хоризонталната функционална анализа и реорганизација на органите на државна управа, агенции и инспекциски служби од централна власт;
- воведена нова Методологија за внатрешна реорганизација, оптимизација и унапредување на работата на институциите;
- 158 податочни сета се достапни на www.data.gov.mk;
4. Давање услуги и ИКТ поддршка на администрацијата
- основан е Национален Совет за ИКТ и сајбер безбедност за рационално инвестирање во дигиталната трансформација;
- подготвена и објавена законска рамка за: електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги; електронско управување и електронски услуги; централен регистар на каталогизирани услуги од над 80% од Законите во кои се пропишани услуги кои ги даваат институциите;
- подготвена е сала и мрежна инфраструктура за потребите на Салата за јавни услуги - Скопје, „Една точка за услуги“;
- развиени софтверски решенија за Централниот регистар на население и за порталот за е-услуги.