На маргините на заедничката седница на двете влади во Подгорица средба Шекеринска - Бошковиќ: Балканот живее во ново време, продолжуваме заеднички како сојузници во НАТО

Северна Македонија и Црна Гора беа и остануваат посветени и искрени партнери, а за кратко и сојузници во рамките на НАТО. Двете земји имаат одлична билатерална соработка, која ќе продолжи да се реализира со исто темпо и во иднина, заклучија на денешната средба во Подгорица, министрите за одбрана Радмила Шекеринска и Предраг Бошковиќ

„Црна Гора беше и остана наш важен сојузник, близок партнер кој безрезервно нè поддржа на нашиот пат кон Алијансата. Искрено ви се заблагодарувам за брзата ратификација на Пристапниот протокол, со што покажуваме дека Балканот живее во ново време во кое соседите, поблиски и подалечни, ни се и најблиски соработници“, рече министерката.

Шекеринска истакна дека соработката со Црна Гора не е само флоскула – таа е видлива преку заедничките вежби, школувањето на питомци за потребите на Војската на Црна Гора на Воената академија во Скопје, учеството на питомци од Црна Гора на Летниот кампус во Северна Македонија, разни видови на курсеви обуки и експертски разговори во двете земји.

Министерката на средбата се осврна и на претстојната вежба која ќе се реализира на „Криволак“, „Одлучен удар“, чиј составен дел ќе бидат и припадници на црногорската војска. „Оваа вежба дополнително ќе ја развие нашата интероперабилност и ќе покаже дека припадниците на двете армии работат целосно согласно стандардите на НАТО“, рече мининистерката Шекеринска. Таа додаде дека вежбата „Одлучен удар“ во која освен нашата земја и САД кои учестуваат со најголеми контингенти, и на која покрај Црна Гора ќе земат учество и Бугарија, Албанија и Литванија, е силна порака до регионот и до светот дека соработката во Алијансата е на највисоко ниво.

Министерот Бошковиќ истакна дека одбранбената соработка со нашата земја е одлична и континуирана во сите области и дека истата ќе продолжи да се развива и во иднина, во рамки на Алијансата. Бошковиќ изрази задоволство што процесот на ратификација на Пристапниот протокол тече со забрзано темпо и дека многу наскоро, Северна Македонија ќе биде и полноправен член на Алијансата.

Министерската средба се реализираше на маргините на заедничката седница на Владите на Северна Македонија и Црна Гора која се одржува во Подгорица при што заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Шекеринска и црногорскиот колега Предраг Бошковиќ во име на двете влади потпишаа и Спогодба за взаемна заштита на класифицирани информации.