Јавна администрација како сервис

Владата на Република Македонија ќе работи на создавање стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-секторот и ќе ги заштити нивните права. Со примена на принципите на праведност и стручност при вработувањето и објективност при унапредувањето и наградувањето на вработените во јавната администрација, Владата на Република Македонија ќе создаде администрација која ќе се ослободи од партиските спреги и ќе се посвети на решавање на проблемите на граѓаните и деловните субјекти, почитувајќи ги начелата на законитост и непристрасност при вршењето на должноста.

Владата на Република Македонија ќе предложи нова стратегија за реформи во администрацијата и ќе воспостави Центар за одличност кој ќе врши реална и независна анализа и оценка на јавните политики и ќе предлага нови методи и начини за подобрување на работата на институциите и администрацијата.

Владата на Република Македонија посветено ќе работи на остварување на темелната вредност на уставниот поредок - соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, како и во јавните претпријатија и државните компании.

Владата итно ќе го реши проблемот со државните службеници кои долго време примаат плата, а не се распоредени на работни места. Постои оправдано незадоволство и од нивна страна, но и од страна на јавноста за ваквата пракса. 

Владата ќе воспостави администрација која посветено ќе работи во служба на граѓаните и која ќе биде наградена за својот ангажман во полза на граѓаните, а не поради партиска или друга припадност. Затоа, Владата веднаш ќе ги објави податоците за бројката на нераспоредени државни службеници и ќе усвои план
за нивно итно распоредување на работни места и професионален ангажман. Во рамките на реформите во администрацијата, Владата на Република Македонија предвидува:

∎ Воспоставување Јавен регистар на администрацијата во кој ќе биде објавен вкупниот број на постојани и привремено вработени лица во јавниот сектор. Регистарот ќе биде јавно достапен и редовно ќе се ажурира. Граѓаните ќе имаат увид на сите вработени во јавната администрација, за секоја институција.

∎ Вработување без непотребни трошоци, заради што ќе предложиме законски измени потребните документи за учество на јавен оглас за вработување кои кандидатот да ги обезбеди од други институции, по службена должност, институцијата која ја спроведува постапката. Од исти причини, ќе се предложи укинување на тестот на личност (психолошкиот тест) како услов за вработување.

∎ Воведување флексибилно работно време на институциите што ќе започнува од 7.30 до 8,0 часот наутро и ќе трае соодветно, до 15.30, односно 16.30 часот попладне. Дополнително, во една институција ќе направиме пилот-проект за 6-часовно работно време, со цел да се утврдат ефектите врз продуктивноста во работата.

∎ Институциите кои имаат значителен обем на работа, и во кои граѓаните реализираат клучни права, да работат двосменски, односно до 20 часот, за да може да се обезбеди услуга на сите граѓани навремено.

∎ Да отпочне процес на широки консултации со заинтересираните страни за воспоставување на нов систем на оценување во јавниот сектор. Оценувањето ќе се врши според параметри кои се видливи и можат да се мерат како што се редовност во работењето, ефективност, ефикасност, професионалност и стручност при извршувањето на работните задачи. 

∎ Да ги зголемува платите во јавниот сектор врз основа на растот на македонската економија. Вработените во јавниот сектор ќе се наградуваат заради постигање на исклучителни резултати и поголема посветеност на
работата.

∎ Да го ревидира постоечкиот систем на обуки и да воведе систем на обуки и за избрани и за именувани лица.

∎ Да воведеме единствен електронски систем на кој ќе бидат поврзани сите државни институции. Овој електронски систем ќе го користат сите апликации за давање на јавни услуги кои државата ги нуди на граѓаните. Притоа секој граѓанин да добие единствен дигитален потпис, за најава при користење на сите тие апликации, по урнекот на скандинавските земји. Со тоа, ќе обезбедиме лесна контрола во давањето на услуги за сите граѓани, а истовремено ќе се стави крај на чекање во редови и давање мито на надлежните административни службеници. Ова решение целосно ќе биде во употреба во третата година на мандатот. Во меѓувреме, во првите 180 дена од мандатот Владата ќе ги елиминира сите непотребни документи кои ги бараат институциите во управните постапки, со што ќе се намалат дополнителните трошоци, а вкупната цена на услугите ќе биде јасно прикажана; ќе обезбедиме целосно електронско издавање на 50 најчесто издавани потврди или документи, а на секои шест месеци, ќе се зголемува за 10% бројот на е-сервиси кои институциите им ги нудат на граѓаните.

∎ Да се предложат законски иземни за обезбедување кратки и ефикасни управни постапки, со цел за секоја постапка поединечно јавно ќе се објават чекорите во постапка и кои службеници се задолжени за постапување; а сите прекршувања на постапката ќе бидат санкционирани, за што во Државниот управен инспекторат ќе се воспостави телефонска линија каде граѓаните и компаниите ќе може да пријават сомнеж за сторен прекршок.