Вицепремиерот Анѓушев и директорот на ФИТР ги презентираа податоците за доставени апликации на Јавниот повик за грантови за комерцијализација на иновации - доставени се 478 апликации, а вкупните инвестиции се 105 милиони евра

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски денес, на прес конференција, ги презентираа првичните податоци во врска со доставените апликации од страна на компаниите на завршениот втор јавен повик за ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации, кои се однесуваат на мерките од третиот столб на Планот за економски раст (ПЕР), за поддршка на микро, мали и средни компании.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека интересот на компаниите на вториот јавен повик е навистина голем, значително повисок во однос на повикот во 2018 година, со што се покажува дека микро, малите и средни компании ги препознаваат мерките како исклучителна можност за нивниот развој. Како споредба, вицепремиерот кажа дека во 2018 година, апликации беа доставени од 244 компании, а биле потпишани договори со 133 компании, додека на вториот јавен повик се имаат пријавено 487 апликации, што е двојно повеќе од лани.

„Поддршката на микро, малите и средни компании е, и ќе продолжи да биде еден од столбовите за економски развој на нашата држава. Со овие мерки, силно се поддржува индустријата, која покрај градежништвото, земјоделството и трговијата, е еден од главните генератори на бруто домашниот производ. Преку доставените апликации, утврдивме дека се планирани вкупни инвестиции во висина од 105 милиони евра, а компаниите во своите барања побаруваат 70 милиони евра, додека 35 милиони евра се сопствени средства на компаниите“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот посочи дека за поддршка на ММСП, во 2019 година, во буџетот се планирани околу 10,5 милиони евра, а додаде дека по извршена евалуација на сите апликации и утврдување на квалитетот на проектите, доколку постојат доволно квалитетни проекти, Владата ќе направи напор да се обезбедат дополнителни средства за поддршка на проектите на компаниите.

„Мерките за поддршка на микро, малите и средни претпријатија, како и мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, се главен генератор на индустрискиот развој во Република Северна Македонија, каде имаме исклучително добри резултати.

Само во првиот квартал на 2019 година, во споредба со истиот квартал лани, бележиме раст на индустриското производство над 8%, раст кој не е возможен без нови инвестиции во индустрија и отворање на нови погони. Како резултат на мерките за поддршка на Владата, во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, во моментот се реализираат 19 нови инвестициски проекти во технолошко-индустриските развојни зони, дополнително неколку фабрики надвор од ТИРЗ. Потврдена е нова инвестиција на словенечката компанија ТАБ МАК во Пробиштип во вредност од 25 милиони евра, како и нпова инвестиција за изградба на шински возила на чешката компанија Локо Транс. Во моментот вкупно се градат околу 25 фабрики, кои ќе отворат нови над 5000 работни места, што ќе придонесе за понатамошен развој на економијата во Република Северна Македонија“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

„Овие рекордни бројки, од интересот на компаниите на јавниот повик, се знак на доверба во процедурите и инструментите на ФИТР. Воедно истите се показател дека домашните компании имаат потреба од финансиска поддршка и се подготвени да инвестираат сопствени средства во развој и иновации. Особено охрабрува фактот што компаниите предвидуваат ангажман на нови 2726 лица, што е пораст од 59,34% во однос на лани,“ нагласи Деспотовски.

Компаниите од ФИТР побаруваат над 70 милиони евра што е за 14 пати повеќе од предвидениот буџет за овој повик во висина од 5 милиони евра.

„Јас верувам во овој процес и позитивните ефекти за економијата, и ќе се заложам заедно со Владата на РСМ да се обезбедат дополнителни средства за финансирање. На тоа не обврзуваат бројките што ги презентираме и денеска, а кои се показател и за ефикасноста на овој дел од економската политика на владата“ порача Деспотовски.
Инаку најголем дел од апликациите се од скопскиот регион, но има и од 27 други места од целата земја. Во однос на секторите, пристигнат се апликации од 28 индустрии, најголем број од ИТ секторот, но меѓу останатите има и од земјоделие, здравство, маркетинг, машинска и прехрамбена индустрија.

Во тек е административната проверка по што следи фазата претселекција која ќе ја вршат надворешни стручни лица, домашни експерти од 22 економски дејности. Проектите кои ќе добијат минимум 51 поени во просек преминуваат во втората фаза, во која Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти, ќе ја донесе конечната одлука за финансирање на предлог проекти.

Компаниите и нивните инвестициски предлози ќе се оценуваат по пет категории: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот.

Овие мерки, кои се дел од Планот за економски раст, од годинава се поддржани и од Светска Банка која стана финансиски партнер на ФИТР и Владата во реализација на Планот за економски раст, во делот на комерцијализација на иновациите. Јавниот повик за прибирање на апликации за ко-финансирани грантови беше отворен од 31.03 до 15.05.