Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, одговараше на пратенички прашања и во вториот дел од седницата во Собранието на Република Северна Македонија, посветена на пратенички прашања.
Премиерот Заев најави дека Владата е фокусирана да обезбеди решенија за пласманот на земјоделските производи, што е едно од важните прашања за приходите на земјоделците.
Тој соопшти и што конкретно се прави во земјава за подобрување на условите за откуп и проширување на обемот.
Откупно-дистрибутивните и преработувачките центри се многу важни. Ваков проект е почнат да се работи и тој проект јасно ја мапира реалната потреба каков тип на преработувачки капацитети и на откупни и дистрибутивни капацитети се потребни. Светска банка обезбеди 30 милиони евра да помогне во изведбата. Стартуваме ова лето со оваа програма, веруваме дека ќе максимaлизираме приноси на земјоделците, ако направиме и преработувачки капацитети и нови откупни дистрибутивни центри“, рече премиерот Заев, кој ги соопшти и другите мерки за решавање на ова прашање.
Во врска со имплементацијата на законот за отпис на долгови и камати, премиерот Заев, по пратеничко прашање, најави дека лично ќе се заложи за негова ефикасна имплементација, којашто е во тек, дека се во тек и разговори со ЕВН за што поширок опфат на граѓани, а со цел растоварување на граѓаните и олеснувања во егзистенцијална смисла.