Економски раст, повеќе работни места, повисок стандард

Главен фокус на Програмата на Владата на Република Македонија за периодот 2017-2020 година ќе биде развојот на економијата и подигнувањето на животниот стандард на граѓаните.

Владата има цврста определба за поддршка на домашните претпријатија, пред сè на малите и средните претпријатија, кои инвестираат и отвораат работни места. Деловната клима ќе се ослободи од политички притисоци и репресии, а ќе се работи и на поврзување на домашните претпријатија со странските во технолошко-индустриските зони. Посебно внимание Владата ќе посвети на зголемувањето на вработеноста во економијата. Со активните мерки за вработување се планира годишно да бидат вработени по 16 илјади лица во приватниот сектор.

Определба на Владата е да настојува да се подигне нивото на платите во економијата. На крајот на мандатот минималната плата во економијата треба да ги покрива неопходните трошоци за живот. Растот на платите треба да прави притисок продуктивноста во економијата да се зголемува. Паралелно со овој процес ќе се обезбедува заштита на работничките права.

Развојот на економијата не може да обезбеди подигнување на животниот стандард на граѓаните, ако неговите плодови се неправедно распределени. Владата има за цел постепено да внесува праведност во двата клучни механизми за редистрибуција во економијата - даночниот и социјалниот систем. Промените во даноците и социјалните трансфери ќе бидат воведувани заедно со подобрувањето на ефикасноста на институциите.

Првиот чекор во подобрување на ефикасноста на институциите е обезбедување на целосна фискална транспарентност. Таа претставува и клучниот приоритет во работата на Владата во првата година на мандатот. Дополнително, фискалната транспарентност ќе овозможи јавноста да добие и јасна претстава за вистинската состојба на јавните финансии.