Праведен даночен систем

Целта на Владата во следниот четиригодишен период е обезбедување на поголема праведност во даночниот систем, со намера да се врши корекција во неправедната распределба на доходот и општественото богатство. Промените во даночниот систем ќе бидат воведувани паралелно со обезбедувањето на транспарентност во трошењето на парите на граѓаните преку државниот буџет, а ќе бидат превземени следните поважни мерки:

Воведување на поправеден персонален данок на доход со две стапки (10% и 18%) што ќе содржи и враќање на платениот персонален данок на доход за граѓаните кои имаат многу ниски месечни лични доходи. За мнозинството граѓани ќе остане стапката од 10%, а дополнителната стапка од 18% ќе се воведе само за дополнителниот приход на лицата со највисок доход.

Укинување на максималната горна граница за плаќање на придонесите на плати.

Воведување на можност даночната стапка на данокот на имот за резидентен и нерезидентен недвижен имот со пазарна вредност повисока од 400.000 евра да се зголемува за 0,1 процентен поен. Ќе биде воведено и поправедно оданочување при поседување на повеќе имот.

Зголемување на стапката на акцизата на патнички автомобили во вредност повисока од 40 илјади евра.

Владата на Република Северна Македонија ќе воведе нов систем „Повеќе пари кај граѓаните” со кој на граѓаните ќе им се враќаат по 15% од платениот ДДВ, со исклучок на данокот остварен при купување на лускузни производи. Системот ќе содржи ограничувања кои ќе спречат злоупотреби и поголемо раслојување.