Нови работни места и повисоки плати

Основни цели на Владата во областа на трудот во периодот на мандатот се: вработување во приватниот сектор на 64.000 лица со помош на активни мерки, подигнување на минималната плата на 16.000 денари (до крај на мандатот) и обезбедување на поголема заштита на работничките права. Дел од мерките ќе стимулираат исплата на повисоки плати со цел просечната нето плата во Република Северна Македонија да порасне до 30.000 денари. Ќе бидат превземени следните поважни мерки и активности:

Зголемување на минималната плата на 12.000 денари во првата година на мандатот и таа ќе важи и за трите оддели со најниски плати. Ќе биде воведена буџетска финансиска поддршка за одделите со најниска плата со цел нивно постепено прилагодување на оваа обврска.

Алоцирање на 22 милиони евра за активни мерки за вработување. Ќе се настојува сумата да расте секоја година, со цел на крајот на мандатот да изнесува 33 милиони евра.

Стимулирање на отворање на подобро платени работни места. Ќе се воспостави поддршка на малите и средни претпријатија при вработување на невработени лица, која ќе има за цел отворање на нови работни места, вбризгување на ликвидност во претпријатијата и полнење на фондот за ПИОМ. Поддршката ќе се реализира за три различни категории невработени лица и ќе подразбира финансиска поддршка од 72.000 до 162.000 денари (кои претпријатието ќе ги добие уште на почетокот), под услов на лицето да му исплаќа 12 месеци бруто плата која е повисока од просечната плата во претходната година.

Воведување на проект „Гаранција за младите”, кој ќе обезбеди во период од четири месеци по завршување на школувањето или станување невработен секој млад човек да добие понуда за вработување, можност да го продолжи образованието, да стапи на пракса или тренинг за подготовка за вработување.

Донесување на нов Закон за работни односи посветен на обезбедување вистинска заштита за работниците. Со него ќе се воспостави и регистар за прекувремени работни часови во УЈП, колективните договори ќе станат задолжителни за сите правни субјекти со над 20 вработени, а синдикатите ќе можат да се регистрираат само во Централен регистер.

Донесување на закон за социјално претприемништво преку кој ќе се олесни пристапот до пазарот на труд за социјално ранливи категории на граѓани. Социјалните претпријатија ќе нудат можност на ранливите групи да управуваат со претпријатието, да донесуваат одлуки за управување со остварените приходи и нивното инвестирање во социјални цели.

Со законски измени ќе се ограничи времетраењето на Договорите за вработување на определено време и тие ќе бидат поврзани со работното место, а не со извршителот. Ако се работи за ново работно место, Договорот за вработување на определено време по 6 месеци ќе мора да се трансформира во вработување на неопределено време.

Со законски измени ќе се обезбеди работниот однос што непрекинато трае подолго од 9 месеци (сезонски работници) и ќе продолжи во следната календарска година, да се трансформира во работен однос на неопределено време.

Висината и бројот на отпремнини за работникот во случај на прогласување на технолошки вишок ќе бидат зголемени за 20%.

Одредување на забрана за ново вработување во период од 2-3 години, во случај на прогласување на технолошки вишок, за истото работно место. Доколку работодавецот има потреба да вработи лице на исто или слично работно место, тогаш прво ќе мора да го контактира лицето кое го отпуштил врз основа на технолошки вишок.

Донесување на законско решение со кое што ќе бидат заштитени вработените во случај на несолвентност на нивниот работодавач.

Вклучување на родовата перспектива во колективното договарање на сите нивоа, заради дополнително унапредување и заштита на жените работнички.

Гарантирање на враќање на истото работно место по породилното отсуство и задржување на истото во наредната година.

Унапредување на работното законодавство со дополнителна заштита на бремените жени работнички.

Овозможување на заедничко користење на родителско отсуство на двајцата родители за првите 1-3 месеци (по истекот на 3. месеци, мајката или таткото продолжува до крајот на породилното отсуство). Во случај нараѓање на близнаци/тројки, родителското (заедничко) отсуство трае од 3-6 месеци (по истекот на 3. месеци, мајката или таткото продолжува до крајот на породилното отсуство). За второ/трето родено дете (не во исто време), родителското (заедничко) отсуство ќе трае од 3-6 месеци (по истекот на 3-6 месеци мајката или таткото продолжува до крајот на породилното отсуство).