Поддршка на домашните претпријатија

Приоритет на Владата во економијата ќе биде развојот на домашните претпријатија, пред сè на малите и средните претпријатија. Ќе се создаде здрава и предвидлива деловна клима, без политички притисоци и репресии. Посебно внимание ќе се посвети на позврзување на домашните претпријатија со странските во технолошко-индустриските зони. Нашата цел е остварување на просечна стапка на раст на економијата повисока од 5% во периодот на мандатот.

За таа цел, Владата ќе ја зголеми државна поддршка за поттикнување на домашните претпријатија на 20 милиони евра во првата година, а ќе се настојува таа да достигне 50 милиони евра во последната година од мандатот. Овие средства ќе бидат дополнети со надворешни кредитни линии.

Домашните претпријатија се соочуваат со проблемот на неисплатени обврски од страна државата по основ на фактури и поврат на ДДВ. Проценките на стопанските комори околу висината на овој долг се застрашувачки и сведочат за сериозен проблем за домашната економија. Затоа, Владата во првите 100 дена од мандатот ќе го објави вкупниот износ на сите акумулирани доспеани обврски на државата. Веднаш ќе се изработи план за нивно плаќање со јасни рокови, а Владата ќе води политика на навремено плаќање на доспеаните обврски. Не може да бараме фискална дисциплина од претпријатијата и граѓаните, а државата истата да не ја почитува.

Создавањето на поволна деловна клима Владата ќе го помага и со политики на соработка со бизнис-секторот, недискриминација, зголемена ефикасност и транспарентност на институциите и целосно почитување на правната држава. Тоа меѓу другото ќе значи:

∎ Воведување на постојани канали на комуникација меѓу бизнис-заедницата и владата. Владата и бизнис-заедницата ќе имаат редовна комуникација за консултации пред измените или носењето на нова регулатива. Системски и отворен дијалог со бизнис-заедницата ќе значи и целосна примена на Националниот електронски регистар на регулативи (ЕНЕР). При тоа, ќе се зголеми минималниот број денови за консултација на 20 до 30 дена.

∎ Скратените собраниски постапки на носење закони кои создаваат правна несигурност и регулативен баласт на претпријатијата ќе станат исклучок и за нив ќе бидат предвидени посебни ограничувања. При промени на законите ќе се предвидат и периоди за приспособување за претпријатијата, особено малите и средните претпријатија. Собранието ќе изготвува пречистени законски текстови според сугестиите на НВО, синдикатите и коморите.

∎ Реформирање на механизмот за проценка на влијание на регулативата (ex-post), со задолжително учество на НВО и бизнис-заедницата.

∎ Клучните институции кои влијаат на деловната клима ќе започнат со објавување на официјални и правнообврзувачки упатства за примена на законите во нивната област. Тие ќе мораат да ги објават сите релевантни закони, подзаконски акти и интерни постапки на својата веб-страница.

∎ Елиминирање на сите непотребни документи кои ги бараат институциите во управните постапки. Така ќе се намалат дополнителните трошоци, а вкупната цена на услугите ќе биде јасно прикажана. Претходно, институциите ќе ја консултираат бизнис-заедницата околу постапките кои им задаваат најголеми проблеми или најдолги процедури.

∎ Целосно електронски ќе се издаваат 50 најчесто издавани потврди или документи, а за секоја постапка поединечно јавно ќе се објават чекорите во постапка и кои службеници се задолжени за постапување.

Владата ќе ја промени казнената политика и ќе инсистира дека нејзин темел ќе е превенцијата. Инспекциските служби нема да бидат инструмент за репресија и политички притисоци. Изборот на правните субјекти кои ќе бидат контролирани ќе се спроведува по случаен избор или по пријава со цврсти докази. За елиминирање или намалување на степенот на субјективноста во вршењето на инспекциски контроли, ќе се воведе јавен регистер на инспекциски контроли кои ги вршат државните органи и инспекции. Ќе постои прво – опомена за сторен прекршок; само при негово повторување – казна. Казните ќе бидат пропорционални на приходите и на големината на деловните субјекти. 

Владата ќе го помогне развојот на домашните претпријатија, особено малите и средни и со следниве мерки:

∎ Зајакнување на финансискиот и кадровскиот капацитетот на Агенцијата за поддршка на претприемништво, со цел да се постигне делегирање на права и обврски за координација на спроведувањето на политиките за развој на малите и средни претпријатија (МСП).

∎ Македонската банка за поддршка на развојот (МБРП) ќе се докапитализира со цел да се зголеми кредитната поддршка и нејзината способност за реализација на гарантна шема.

∎ Создадавање на интерминистерски совет од министерствата кои имаат надлежности за работењето на малите и средните претпријатија. Советот ќе биде надлежен за координација на договорените активности за унапредување на работењето на МСП.

∎ Обезбедување на мерки за забрзување на постапката за отпочнување на стечај.

∎ Воведување на Кредитен правобранител, кој треба да го подобри дијалогот помеѓу малите и средни претпријатија и кредитните институции.

∎ Обезбедување на вистинска контрола на производите кои се увезуваат, заради спречување на нелојалната конкуренција и спречување на праксата трговците само формално да даваат изјави за усогласеност со  сертификатот.

∎ Намалување на фирмарината за претпријатијата со помалку од 5 вработени со што ќе се намалат трошоците на работењето и ќе се поттикне започнувањето свој бизнис.

∎ Директна советодавна помош преку Агенција за поддршка на претприемништвото на Република Македонија која ќе биде вистински сервис на малиот бизнис.

∎ Воспоставување на соодветна гарантна шема преку МБПР за инвестициски кредит и кредит за обртни средства за мали и средни претпријатија.

∎ Воспоставување на микро кредитна линија за поддршка на стартап и микро компании, како и кредитни линии за проектите „Франшиза“ и „Мешовити инвестиции“.

∎ Основање на инвестициски фонд за вложување во старт-ап бизниси и МСП со малцинско учество на државата, а преку 51% да биде во приватна сопственост на заинтересирани приватни субјекти.

∎ Воспоставување на механизам за поддршка на инвестициските проекти на домашните претпријатија до износ од 25% од збирот на вкупниот трошок за инвестиција и бруто трошокот за секое ново работно место. Поддршката ќе се одвива преку два канала: (а) директна поддршка во износ од 1.000 до 2.000 евра, во денарска противвредност, врз основ на висината на платата за секое новоотворено работно место, каде работодавачот презема обврска да исплаќа бруто плата во период од 2 години; и (б) ослободување од плаќање на данок на добивка и имот во наредните 5 години.

∎ Олеснување на работењето на малите и средните претпријатија во руралните средини преку финансирање на инфраструктурни проекти.

Владата ќе подготви и стратегија за развој на активниот туризам каде лежи потенцијалот на силен локален економски развој, како и отварање нови и подоброплатени работни места. За таа цел, ќе се имплементира Законот за просторен план за зачувување на атрактивните природни ресурси кои се клучни за овој туризам; ќе се поддржат активности за чистење на туристичките центри; ќе се уредат сопственичките односи и стават во употреба детските одмаралишта и планинарските домови и слично.

За развивање на претприемништвото, Владата ќе овозможи отварање на деловни старт-ап центри во сите поголеми општини, во коишто државата ќе обезбеди деловен простор за повеќе новоосновани компании, заедно со инфраструктура и заеднички служби (одржување, архива, сметководство и сл.) коишто ќе
бидат бесплатни за учесниците во центарот.

Можност за основање посебен вид трговско друштво со минимален износ на основна главнина од 1 евро. Овие трговски друштва ќе имаат определена, видно обележана ознака, за секој што ќе соработува со ваков тип на деловен субјект да знае дека неговиот основачки капитал е 1 евро.

На фирмите што ќе инвестираат, а кои имаат таква потреба, ќе им се дадат на користење неискористени парцели државно земјиште. Бројот на парцели, што би се дале на поединечна фирма, ќе зависи од условите што ќе ги исполнат фирмите (големина на инвестицијата и број на нови вработувања).

Владата ќе предложи укинување на давачките при увоз на опрема наменета за нови проекти што ангажираат работна сила во недоволно развиени општини, како и за дејности кои се обединети во кластери. Воедно, ќе се обезбеди директ на финансиска поддршка за повисока доработка на примарното земјоделското производство. Ќе се стимулира здружување на примарните производители, како
и на преработувачките компании коишто ќе инвестираат во капацитети и опрема за производство на продукти со домашни суровини.

Државата ќе го поддржува развојот на домашните претпријатија и со соодветна реформа кај јавните набавки. Ќе се зголеми нивната транспарентност и ќе се елиминираат однапред скроените тендери за фаворизираните фирми. Дополнително:

∎ Јавните институции ќе прават анализа на пазарот на понуда пред да ги објавуваат тендерите. Ако за нивните потреби има соодветна замена (производ или услуга) што може да го понудат домашните компании, тогаш самиот тендер ќе треба да преферира такви производи и услуги.

∎ Прекинување на праксата на политичко фаворизирање на едни исти компании кои ја гушат конкуренцијата. Затоа ќе биде олеснет основниот критериум (годишен обрт), како услов за учество на тендерите бидејќи тој главно се злоупотребуваше за елиминирање на конкуренцијата.

∎ Секогаш кога е возможно, а без да се наруши квалитетот на набавката, големите тендери ќе се делат на повеќе лотови на кои би можеле да конкурираат МСП. Во исто време, ќе се ограничи бројот на лотови за кои една компанија може да конкурира.

∎ Ќе се применува принципот на вредност за парите (value for the money), а не по автоматизам да се прифаќа најниската цена.

∎ Ќе се намали информативната асиметрија која ги погодува МСП преку поедноставување на процедурите за конкурирање и брз проток на информации.

Економскиот раст зависи од вложувањата во наука и истражување, како и во развој на новите технологии и индустрии со поголем поврат на инвестицијата. Затоа, Владата ќе финансира најмалку 10 истражувачки проекти годишно, понудени од научните институции, а прифатени од стопанските комори во Македонија. 

Ќе се поддржат услужните активности со поголема додадена вредност (ИТ компании, телекомуникации, архитектура, и сл.) преку покривање до 50% од трошоците за опрема неопходна за нова инвестиција, до максимален износ од 50.000 евра. Владата ќе предложи даночни олеснување за сите ИКТ компании кои извезуваат софтвер и услуги и намалување на данокот на добивка за информатика и информациони технологии на 5%. Со тоа ќе се овозможат нови вработувања, зголемен девизен прилив и градење нови ИТ компании.

Во соработка со ИКТ заедницата во Македонија, Владата ќе финансира иновативни решенија кои ќе ја зголемат ефикасноста на политиките во: 1) земјоделството, 2) образованието и 3) внатрешните работи. Владата ќе поддржи отворање на технолошко-развоен истражувачки центар за согледување на предностите на македонските мали и средни претпријатија во однос на европските и за елиминирање на сегментите во кои тие заостануваат, како што се амбалажата, маркетингот, почитувањето на роковите за испорака, нивото на квалитет, конзистентните менаџмент техники итн. Ќе се големи искористувањето на странските фондови за техничка помош, како и оние кои се на располагање на домашните претпријатија за воведување нови технолошки процеси, зголемување на продуктивноста и сл.

Владата ќе обезбеди линии за финансиска поддршка на претпријатијата за лансирање нови производи и нов производен дизајн, воведување модерни производни методи и методи на контрола на квалитетот, модерна логистика и дистрибуција, како и стекнување сертификати за квалитет и промоција на домашните производи. 

Владата ќе води активна и транспарентна политика на привлекување странски директни инвестиции. Ќе се стимулира привлекување на инвестиции со поголема додадена вредност, кои обезбедуваат поврзување со домашните претпријатија.

При тоа, Владата ќе објави детална cost/benefit анализа од вложувањата и придобивките од процесот на привлекување на странските компании досега, особено за оние кои користат државна помош.

Владата ќе предложи даночни олеснувања за инвестирање од страна на граѓаните кои заминале на работа во странство. За таа цел ќе се користат и средствата од инвестицискиот фонд за старт-ап бизниси и МСП, како и гарантната шема на МБПР.