Република Северна Македонија - членка на НАТО и Европската унија

Членството во НАТО и ЕУ се наши стратегиски определби. Тие значат и подобар стандард, модерни закони, поголеми плати, безбедност на државата, сигурност кај граѓаните, нови инвестициии, слободно движење. Тие се и гаранција на приватната сопственост, слободата и независноста на човекот, правна и економска безбедност. Членството во НАТО и во ЕУ ќе значи и крај на партиско судство и обвинителство, партиски медиуми и олигарси.

Наш државен приоритет е Република Северна Македонија да биде суверен, почитуван и просперитетен меѓународен субјект. Владата има јасна визија за реализација на стратегиските цели: сестран развој на односите со соседите и интегрирање на државата во европските и евроатлантските структури.

Зацртаните стратегиски определби на Република Северна Македонија, ќе ги оствариме само со иницијативи и конкретни чекори на добро осмислена и реална, државнички и професионално водена надворешна политика. Само така ќе се надминат предизвиците и заканите по развојот и безбедноста. Само ваквата политика може да претставува реален фактор во промоцијата на нашите стратешки интереси на глобален план.

Последниот извештај на Европската комисија целосно се потпира на наодите на експертскиот извештај на тимот на Рајнхард Прибе. За состојбите во Република Северна Македонија недвосмислено се посочува на фактот дека државата е слеана со партијата на власт, и дека во неа владее организиран криминал, корупција и масовно прекршување на основните човекови права и слободи.

Владата на Република Северна Македонија ќе започне сериозна и силна меѓународна активност со цел Северна Македонија да добие можност да започне преговори со ЕУ во тек на следната година. Таа активност ќе вроди со плод само ако е следена со видлива домашна реформска агенда. Од тие причини, нашите клучни стратешки одлуки ќе се базираат врз препораките на Извештајот на Прибе и итните препораки на ЕУ, како и препораките од Пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ. Во таа смисла, Владата ќе започне одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупција, темелни реформи во насока на владеењето на правото и градење на независни институции кои ќе обезбедат еднаквост на сите граѓани пред Уставот и законите на Република Северна Македонија.

Владата на Република Северна Македонија до Собранието на Република Северна Македонија ќе предложи Национална стратегија за надворешната политика на Република Северна Македонија до Собранието на Република Северна Македонија. Целта ќе биде за оваа Стратегија да се обезбеди широка дебата и консензуална поддршка. Крупните надворешно-политички теми постојано ќе се дебатираат во законодавниот дом и за нив ќе бараме повеќепартиска согласност.

Врз основа на таа стратегија, Владата ќе го трансформира учеството на Република Северна Македонија од пасивен учесник во активен чинител во Берлинскиот процес и ќе се ангажираме и во спроведувањето на Агендата за поврзување на регионот која е дел од него.

Станува јасно дека интеграциите, развојот и безбедноста на државата силно зависат од добрите и продуктивни односи со соседите. Владата на Република Северна Македонија ќе наметне нова динамика во односите кон своите соседи, ќе инсистира на конструктивна соработка во сите сфери на билатерален и на регионален план.

Владата ќе ги вложи сите државни потенцијали да ја врати позитивната клима и довербата во односите, како со ЕУ и со САД, така и со сите соседи за да ја врати Република Северна Македонија на позицијата лидер во регионот.

Владата нема да дозволи на меѓународен план, на кој било граѓанин на Република Северна Македонија да му се оспорува неговата етничка, културна, јазична, религиозна, родова или друга определба. Оваа визија е во склад со сите цивилизациски придобивки. Ќе ги вложиме сите напори за остварување на истото во односите со соседите – за добробит на сите во регионот и, пошироко, во Европа.

Поаѓајќи од Уставот на Република Северна Македонија, за прашањата од највисок државен и национален интерес, Владата активно ќе гради консензус на сите релевантни чинители во државата. Таа реално и активно ќе се ангажира за надминување на наметнатиот спор од страна на Грција, но нема да прифати никаков разговор за идентитетски прашања. За можните решенија ќе ги консултираме граѓаните.

Владата никогаш нема да дозволи обиди за промена на националниот, јазичниот и културниот идентитет на македонскиот народ, како и на која било етничка заедница во Република Северна Македонија. Владата ќе се фокусира на регионалната и добрососедската соработка. Така, за подобрување на регионалниот развој и стабилност, ќе ја засилиме сестраната размена и соработка со соседите во сите области преку засилено учество и влијание во сите регионални иницијативи, сериозен и активен пристап кон проектите од инфраструктурата, енергетиката и

телекомуникациите, прекугранични развојни зони како поддршка на развојот на руралните, односно пограничните региони во Република Северна Македонија (со користење на фондовите на ЕУ), обновување на иницијативите за нови гранични премини кон соседните земји и промовирање на нови меѓународни и локални премини за пограничното население.

Владата ќе се грижи и за состојбите со македонското национално малцинство во соседните земји преку Министерството за надворешни работи. Ќе ја возобновиме поддршката во образованието, културата и јазикот, со книги, учебници, наставници, лектори и претстави, секако без мешање во внатрешните работи на соседите и со нивно целосно почитување. Ќе ги засилиме врските со дијаспората и преку финансирање на часови по мајчин јазик во ДКП-ата во градови каде е изразен доволен интерес за тоа. Ќе се возобноват лекторатите за македонски јазик, литература и култура кои беа занемарени и заборавени од државата овие години.

Врските со нашите иселеници ќе ги подобриме и преку т.н. „виртуелни конзулати“ во кои услугите неопходни за нив ќе бидат лесно достапни, заедно со неопходните информации. Секоја амбасада или конзулат ќе мора да имаат систем за достапен и ефикасен контакт и одговор. Воедно, ќе го ревитализираме запоставениот процес на правно советништво на нашата дијаспора со фокус на меѓународните стандарди и следење на одлуките на меѓународните инстанци, и  посебно Европскиот суд за човекови права.

Согласно стратегиските цели и анализата на сегашните состојби, Владата ќе  направи нова, политички и финансиски оптимална, а пред сè ефикасна дипломатска мрежа на државата. Ќе се засилат амбасадите во земјите од стратешко значење за Република Северна Македонија, а изборот на дипломатски кадар ќе се базира на почитување на професионалниот и човечкиот квалитет. Надворешната политика на Република Северна Македонија ќе има јасни цели, дефинирана координација и професионална дипломатска мрежа. Владата ќе изготви план за купување на објекти во следните 4 години за неопходните потреби на ДКП.

Нашиот пристап предвидува развој на култура за дебата и целосна транспарентност во процесот на пристапување кон Европската унија. Уште во првата година ќе се иницира процес на именување на Главниот преговарач со ЕУ по можност избран со консензус меѓу власта и опозицијата, кој ќе започне со изготвување на преговарачки позиции за поглавјата судство и темелни права (23) и за правда, слобода и безбедност (24).

Спроведувањето на Стратегијата за Југоисточна Европа 2020 ќе добие заслуженото место и за неа ќе се распределат соодветни средства. Како дел од новите регионални иницијативи на Република Северна Македонија, ќе предложиме воспоставување на Регионален родов омбудсман кој ќе се грижи за реализација на политиките за еднакви можности на жените и мажите на Западен Балкан и создавање на Регионална политичка академија за градење капацитети на политичките партии, финансирана преку ИПА при што ќе ја предложиме Северна Македонија за нејзин домаќин.

Европската финансиска поддршка ќе биде ставена во функција на европеизација на целата држава. ИПА нема да биде инструмент со којшто се подготвува само јавната администрација за спроведување на преговорите за членство во ЕУ,туку ќе ги изгради капацитетите на сите чинители во општеството. Тоа значи дека покрај државните институции, средства мора да се обезбедат и за општините, училиштата, синдикатите, маргинализираните групи, работодавачите, невработените, малите и средните претпријатија, граѓанските организации, универзитетите и истражувачките институции, па дури и за неформалните групи на граѓани.

Владата веднаш ќе изготви целосен и јавен извештај во кој ќе го објавиме точниот износ на изгубени (неискористени) средства од фондовите на ЕУ и со тоа ќе го отвориме процесот на зголемена транспарентност во нивното раководење и искористување. Во координација со Европската комисија ќе понудиме инструменти за побрзо и целосно искористување на ЕУ фондовите..

Ќе формираме посебен тим кој ќе се посвети на искористување на средствата и поволностите што ги нудат инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и помошта за изработка на инфраструктурни проекти во европските региони (JASPERS).

Владата ќе инвестира во тимови кои ќе работат како ЕУ рамковни консултанти, преку нивна обука во странство. Тие ќе им помагаат на целните групи во подготовката на европските проекти (на пример на малите и средни претпијатија за учество во КОСМЕ; на студентите, учениците, професорите, универзитетите за учество во Еразмус плус; за истражувачките центри, универзитетите, претпијатијата, иноваторите за учество во Хоризонт 2020; за продукциските куќи и медиумите за учество во програмата Медиуми; за социјалните иновации на граѓанското општество, општините, јавните претпријатија за учество во програмата EaSi; за културните центри, продукциски куќи, уметници, театри за учество во програмата Култура; за Царинската управа за учество во програмата Царина; за Управата за јавни приходи за учество во програмата Фискалис; за општините и регионите за учество во програмата во Механизмот за цивилна заштита итн.

Сите кои ќе можат да привлечат дополнителни средства од другите европски фондови, ќе бидат поддржани со соодветни мерки - од аплицирање до реализација. За таа цел и за полесно искористување на европските фондови, ќе се воспостави таканаречен Фонд за развој, кој ќе гради капацитети на идните корисници на европски средства, ќе обезбедува кофинансирање (што е основен проблем во моментот кога станува збор за ИПА и за другите европски програми како Хоризонт, COSME, EaSI, Еразмус плус, Европа за граѓаните, Креативни индустрии,Медиуми итн.). Фондот ќе биде поврзан и со Активните мерки за вработување на Република Северна Македонија, особено во делот на кофинансирањето и со гаранцијата за млади.

Владата ќе го поттикнува таканаречениот ваучер систем, особено погоден за земјоделците при искористувањето на ИПАРД средствата. Имено, наместо да очекуваме земјоделците да пишуваат проекти, владата ќе обезбеди средства за консултантите кои треба да и` помогнат на оваа целна група. Земјоделците ќе добијат ваучер со којшто ќе го платат консултантот, а тој/таа ќе мора да му биде на располагање 24/7, сè до заокружувањето на проектот.