Одбранбена политика во НАТО контекст

Секторот одбрана беше предводник на реформските активности на Република Северна Македонија во постигнување на стратегиската цел на државата, зачленување во НАТО. Како иницијатор и лидер на Јадранската група, Република Македонија денес е единствената држава од таа група, која сè уште не е членка на НАТО.

Членството во НАТО ќе се врати на врвот на приоритетите на Република Северна Македонија. Ова е стратегиска определба на државата и долгогодишна консензуална цел на сите нејзини граѓани. Зачувувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и унитарниот карактер на Република Северна Македонија, преку одржување на стабилноста и безбедноста, како и учеството на државата во колективните одбранбени системи се темелните принципи на кои ќе се посветиме. Членството во НАТО не значи само безбедност и стабилност на државата. Тоа е основа и главен предуслов за економскиот развој и очекуваните странски инвестиции.

Владиниот пристап ќе подразбира сериозни реформи во одбранбениот систем, во согласност со Стратегискиот концепт за развој на НАТО 2010-2020. Придонесот и учеството на Република Северна Македонија во мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ООН и понатаму останува висок приоритет. Ќе го афирмираме досегашното учество на воените потенцијали на Република Северна Македонија во операциите на НАТО за спречување и надминување на конфликти во светот. Тоа ја вбројува државата во факторите на стабилност во Југоисточна Европа.

Владата на Република Северна Македонија ќе го промени односот кон финансирањето на безбедноста и одбраната. Ќе се фокусираме врз развој на распоредливи и одржливи способности и интероперативност кои се очекуваат од идна земја членка на НАТО. Ќе предложиме посебно законско решение, во согласност со Долгорочниот план за развој на одбраната, за обезбедување на средства во одбраната во висина од 2.3%-2.6% од БДП. Овој износ ќе биде постигнат сукцесивно, во согласност со економската моќ и развојот на државата во наредниот период.

Нашиот императив ќе биде реализација на доделените буџетски средства, преку враќање и создавање на потребните услови за целосна примена и имплементација на ППБС – Системот за повеќегодишно планирање, програмирање и извршување на буџетот (Planning, Programming Budgeting System). Во рамките на оваа методологија, нашата тенденција за поделба на буџетските категории ќе биде, всушност, првобитно проектираната: 50% за персонал; 30% за операции, обука и одржување; и 20% за опремување и модернизација на АРМ. Ќе обезбедиме финансиска структура и средства потребни за покривање и зголемување на трошоците на нашите мисии во странство, во согласност со Концептот на НАТО за „паметна одбрана“, како и со Стратегискиот концепт од 2010 година и со препораките од Самитот на НАТО во Велс во 2014 година.

Владата ќе дава поддршка на концептот на мала и професионална армија со интенција за создавање заедничка инкорпорирана структура на персоналот во АРМ и Министерството за одбрана – „staff structure“, преку спроведување целосна функционална анализа. Тоа е предуслов за ефикасност на задачите, работните обврски, функциите и одговорностите, а со цел да се воспостави квалитетен систем на цивилната контрола на армијата, како еден од основните демократски принципи.

Ќе спроведеме целосна департизација на Армијата и МО, преку обезбедување ефикасен систем за управување со човечки ресурси, базиран врз професионализација на персоналот. Еден од столбовите на овој систем е подигнување на стандардот на вработените, мотивација и привлекување на персоналот. Еден од клучните приоритети во делот на управувањето со персоналот е усвојување на Концептот за движење во кариера, којшто е целосно запоставен во МО и АРМ, а има за цел воспоставување на пирамидална структура на воениот персонал. 

Владата ќе понуди јасен план за статусот на професионалните војници. Согласно постоечката законска регулатива, професионалните војници се во служба на Министерството за одбрана до навршување на 45 години старост. По овој период, со одлука на Владата и во договор со други државни органи, а согласно нивните потреби, Министерството за одбрана на професионалните војници ќе им обезбедува вработување кај друг работодавец, државен орган, јавно претпријатие, јавна установа, единица на локалната самоуправа и Градот Скопје, фондови, агенции, заводи и други правни субјекти основани со закон, без огласување на работното место, со преземање и склучување договор за работа, на работно место кое одговара на нивната стручна подготовка, односно квалификација.

Владата воедно ќе го промовира и новиот Концепт на мала и ефикасна резервна структура – активна резерва. Ова претставува и една од опциите за решавање на статусот на професионалните војници по навршување на 45 години возраст.

Една од првите задачи ќе биде ревизија на Долгорочниот план за развој на одбраната – 2014-2025, како основен документ за реализација на реформите. Ќе спроведеме ревизија на стратешките документи за реформите во одбранбениот сектор, согласно НАТО стандардите, како и новите предизвици и потреби.

Ќе направиме ревизија на Стратегијата за развој на глобалниот комуникациско-информацискиот систем во МО и АРМ и ќе продолжиме со реализација на оптичката телекомуникациска инфраструктура, документ менаџмент системот, логистичкиот информациски систем, системот за планирање, програмирање и извршување на буџетот, системот на компјутерски базираната обука и други проекти. 

Ќе направиме ревизија на постоечкиот План за дивестирање на несуштинските објекти во МО и АРМ. Процесот опфаќа координација на МО со сите цивилни субјекти инволвирани во дивестирањето на несуштинските објекти – државни органи, институции и органи на локалната самоуправа.

Со Проектот за модернизација и опремувањето на АРМ Владата ќе инвестира во набавка на нови хеликоптери и сервисирање на постоечките воздухоплови, неборбени моторни возила, оклопни транспортери на тркала за потребите на нашите мисии во странство и тактички комуникациско-информациски систем за средниот пешадиски баталјон деклариран за учество во мисиите во странство.

Еден од приоритетите е и професионална подготовка и обука на припадниците на АРМ – учесници во меѓународните воени мисии и нивните единици од сите аспекти, со посебен акцент на социјалниот, здравствениот и безбедносниот сегмент на персоналот кој учествува во мисиите.

Новиот концепт за решавање на станбеното прашање на персоналот во АРМ и МО ќе ја дефинира и воспостави станбената политика во АРМ. Овој концепт, пред сè, ќе биде реално одржлив и неговата реализација ќе подразбира задоволување на потребите и интересите на АРМ од аспект на професионално извршување на функциите и задачите на институцијата. Ваквиот концепт ќе значи и задоволување на поединечните потреби на припадниците на АРМ од аспект на решавање на станбеното прашање.