Човекови права

Владата на Република Северна Македонија ќе ги промовира, штити и унапредува човековите права во Република Македонија и ќе создава институционални капацитети за нивна ефикасна заштита и одговорност на сите кои ќе се обидат да ги повредат човековите права. Посебен акцент ќе биде ставен на враќање на довербата во власта како чувар на човековите права и заштита на оние права кои грубо беа кршени. Приоритетна цел на Владата е да ја врати слободата во Република Македонија и да гради држава во која граѓаните ќе се чувствуваат слободни, еднакви, сигурни и достоинствени!

Заради имплементирање на европските стандарди за човекови права и ефикасна заштита на човековите права, Владата на Република Северна Македонија ќе:

∎ предложи законски измени со цел лицата на кои им било прекршено некое човеково право да добиваат реален, а не – како досега – симболичен надомест за прекршувањето. Тоа ќе биде и основа за лична одговорност на судиите и обвинителите кои учествувале во кршењето на правото.

∎ отвори расправа за уставни измени и ќе побараме поддршка за уставно ограничување на траењето на притворот, како и за зајакнување на законските основи и механизмите за контрола на основаноста на лишувањето од слобода и користењето на мерката притвор.

∎ предложи законска рамка во која ќе бидат содржани европски стандарди за заштита на презумпцијата на невиност и казни согласно европските стандарди во случај на прекршување на ова право.

∎ предложи законски измени за реформа на Комисијата за заштита од дискриминација, која ќе прерасне во независно, стручно тело со зголемени надлежности, составено од лица кои се вистински посветени на заштитата на ова човеково право.

∎ побара поширока поддршка за измена на Законот за следење на комуникациите, со цел предлог за следење на комуникации да не може да даде кој било полициски службеник, и да го намалиме периодот во кој може да трае ограничувањето на тајноста на комуникациите. Ограничувањето на тајноста на комуникациите треба да биде строго контролирано и само кога е неопходно за собирање на податоци заради остварување на целите на следењето.

∎ предложи измени и на Законот за полиција, со цел прецизно да се утврдат методите на оперативната контрола, максималниот период на набљудување на лицата и да се воведат и други гаранции, со кои ќе се ограничи произволното однесување на полицијата.

∎ предложи измени на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и ќе ја намалиме висината на надомест на штета за изречена навреда или клевета во Република Македонија. 

∎ ги подобри условите во казнено-поправните установи со цел имплементирање на забраната на тортура, нечовечко и понижувачко казнување и постапување. Ќе воведеме целосна контрола над остварувањето на полициските овластувања во овие установи со цел да се отстранат појавите на несоодветен третман и прекумерна сила од страна на полицијата во овие институции. Ќе воведеме и системска обука на затворските службеници, како и постапки за детално разгледување на сите поплаки за евентуално прекршување на право на достоинствен третман. Во таа насока и ќе ја зајакнеме улогата на Народниот правобранител како превентивен механизам за заштита од тортура, нечовечко и понижувачко казнување и постапување. Дополнително, ќе ги подобриме условите во казнено-поправните институции, особено оние врзани за здравствена заштита и достоинствен третман.

∎ предложи измени на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Измената ќе предвиди прецизни рокови за сите дејствија на државните органи кои имаат надлежност во остварувањето на ова право на граѓаните, како и прецизирање на одредени одредби кои предизвикаа проблеми во праксата и беа злоупотребени од страна на власта за да ги оневозможи или обесхрабри граѓаните во користењето на механизмите за директна демократија.

∎ предложи законски измени за гарантирање на правото на јавен собир, со јасни и прецизни надлежности на полицијата.

Владата на Република Македонија ќе води политика на унапредување на правата на жените и зголемување на нивното учество во политичкиот, економскиот и јавниот живот. За таа цел ќе воспоставиме посебно владино тело за родова рамноправност кое ќе се грижи за имплементација на родовата перспектива во креирање на политиките и буџетите. 

Владата ќе инсистира на образовни, медиумски и културни реформи кои ќе водат кон надминување на стереотипите за улогата на жената и ќе стимулираат поголеми шанси за девојките и жените во нашата држава.

Владата ќе предложи ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство од 2011 година (Истанбулска конвенција) и согласно истата, ќе воспостави мрежа на стандардизирани институции која го гарантира минималниот пакет на услуги за заштита од домашно насилство. Исто така, ќе се предложи нов Закон за родово базирано насилство и измени на Кривичниот закон со воведување на одредби за сите форми на родово базирано насилство. 

Владата ќе воведе програми за помагање на развојот на жените-претприемачи, особено оние во руралните области.