Професионална полиција - безбедност за сите граѓани

Владата на Република Северна Македонија ќе гради полиција која ќе ги штити граѓаните, а ќе го гони криминалот. Само таква полиција може да гарантира безбедност и правна држава. Полицијата ќе биде надвор од партиските влијанија и ќе гарантира непристрасно спроведување на законите за сите. Ќе воведеме механизми за подобрување на надворешната и на внатрешната контрола на работата на полицијата и безбедносните служби. Ќе ја зајакнемe парламентарната контрола и ќе формираме полициски омбудсман, со надлежност да спроведува независна истрага за евентуалните пречекорувања на полициските овластувања и кршење на човековите слободи и права. Препораките од „Извештајот на Прибе“ ќе ги спроведеме целосно и без одлагање.

Владата на Република Северна Македонија ќе работи посветено на департизација на полицијата и борба против корупцијата; непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите; ефикасна броба против корупцијата и отчетност и транспарентност во работата на полицијата.

За таа цел Владата на Република Северна Македонија ќе го возобнови концептот на полицаецот-позорникар на улиците во населените места. Тој ќе биде заштитник - достапен за граѓаните и нивните потреби. Јакнењето на довербата помеѓу полицијата и граѓаните е предуслов за безбедноста на граѓаните. 

Во функција ќе се врати системот на кариера на вработените во МВР со почитување на правилата за унапредување и распоредување на вработените, водејќи грижа за искористување на стручниот и професионален капацитет на вработе ните во МВР. 

Владата ќе поддржи механизми за мониторинг над полициското постапување во случаи на директна или индиректна инволвираност на полицијата во општествено непожелни дејствија. Еднаквоста пред законот мора да биде гарант за безбедноста на граѓаните. На полициското работење ќе се гледа како заштита, а не како закана. Затоа, ќе се зајакнат независноста и капацитетот на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР и ќе се воведе нов начин на избор на помошникот на министерот за внатрешна контрола и професионални стандарди, врз основа на критериуми кои ќе гарантираат независност во постапувањето и професионални истраги. 

Владата ќе се посвети на целосно расветлување на Кумановските настани од мај 2015 година и откривање на иницијаторите и позадината на целиот случај. Ќе побараме и меѓународна поддршка во истрагата заради обезбедување на сите релевантни информации, но и за обезбедување на потполна доверба на граѓаните во резултатите од истрагата. Воедно, ресорното министерство ќе даде целосна логистичка поддршка на обвинителските и судски инстанци во отварање и водење постапки за предметите „Сопот“, „Бродец„, смртта на Мартин Нешковски и на Никола Младенов и „Монструм„.

Владата на Република Северна Македонија ќе направи евалуација за примената на Колективниот договор за вработените во МВР и почитување на работното законодавство. Доколку се утврдат пропусти, слабости и недоречености ќе го отвориме социјалниот дијалог за подобрување на колективниот договор заради заштита на правата на полициските службеници. Ќе дозволиме слободно синдикално организирање на полициските службеници и слобода на одлучување за членство во синдикати. Стандардот и квалитетот на живот на припадниците на МВР ќе се подобрат и со нивно распоредување на работа во местото на живеење. На тој начин, ќе им се намалат трошоците за одвоен живот и патувања кои досега паѓаа на нивен товар. Во исклучителни случаи, во кои ќе има потреба од работа надвор од местото на живеење, министерството ќе обезбеди надомест за одвоен живот и патни трошоци. Владата ќе пристапи кон усогласување на основицата на платите на вработените во МВР и утврдување на надоместоците и додатоците на плата, согласно Колективниот договор на МВР и Законот за работните односи. 

Една од клучните реформски активност ќе биде во Управата за безбедност и контраразузнавање. Препораките на Прибе и користењето на европски искуства ќе бидат клучните ориентири во овој процес. Владата целосно ќе ја поддржи собраниската контрола над оваа Управа.

Владата ќе ги јакне институционалните и кадровските капацитети на Одделот за организиран криминал при МВР и институциите со кои соработува. Ќе се формира и операционализира Националниот координативен центар за борба против организираниот криминал. Ќе се залагаме за целосна имплементација на законодавството за обесштетување на жртвите од организираниот криминал.

Владата целосно ќе ги спроведе своите обврски во поглед на целосна имплементација на Законот за кривичната постапка во делот на ресурсите, организацијата, опремата и обуката на агентите и обвинителите, како и формирање на истражни центри и судска полиција. Целосната и соодветната примена на ЗКП е гаранција за професионална и независна истрага, во која би се отстраниле сомневањата за пристрасност на полицијата во политички монтирани случаи.

Ќе се инвестира во капацитетите на институциите за спречување на нелегалната миграција и трговијата со луѓе, и ќе обезбедиме одржливост и функционалност на Центарот за заштита на жртвите од трговијата со луѓе. Владата ќе обезбеди средства за реновирање на полициските станици, особено оние за обезбедување на државната граница. Ќе се инвестира во ефикасно функционирање на Системот на интегрирано гранично управување, во соработка со соседните држави и европските институции и поддршка од земјите членки на ЕУ и НАТО.