Слободни медиуми

Целта на Владата на Република Северна Македонија е создавање медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните, бидејќи само вистински информирани граѓани може слободно да донесат одлука за иднината на својата држава.

Владата ќе промовира реформи на медиумската сфера согласно клучните мерки на групата невладини организации изнесени на конференцијата “Предлози за итни демократски реформи“. Постапките за промени ќе ги спроведеме транспарентно и со вклучување на сите релевантни чинители од оваа област.

Нашата намера е на печатените и на електронските медиуми да им обезбедиме слобода за информирање на граѓаните, за артикулација на нивните потреби и за развој на медиумскиот бизнис. Радиодифузерите ќе добијат еднаков третман во насока на развивање на здрава конкуренција меѓу медиумските куќи.

Во оваа реформа клучни се регулаторните тела. Ќе предложиме модел по урнекот на сличните во земјите членки на ЕУ, особено британскиот OFCOM. На чело на тие тела, во соработка со граѓанскиот сектор, ќе поставиме искусни, непристрасни и докажани професионалци.

Владата на Република Северна Македонија ќе предложи укинување на радиодифузната такса. Финансирањето на МРТ повеќе нема да биде преку радиодифузна такса, како задолжителна давачка на граѓаните. МРТ ќе се финансира комбинирано од Буџетот на РМ и други средства, од приходи на кабелските оператори и од приходи остварени со продажбата на програма произведена во МРТ. Дополнително, ќе предложиме законски решенија со кои МРТ од партиски билтен ќе ја трансформираме во професионален сервис на сите граѓани и во силен идентитетски столб на Република Македонија.

Владата ќе престане со трошење на буџетски средства во медиумите.

Бесплатните објави ќе бидат наменети исклучиво за проекти од јавен интерес. Ќе се предложи забрана за рекламирање на политичките партии, освен за време на изборна кампања.

Владата на Република Македонија ќе ја преиспита регулативата која се однесува на медиумската концентрација и на медиумската сопственост, во насока на обезбедување на повисоки стандарди за поддршка на демократскиот систем во државата и ќе ги намали надоместоците за дозволите за работа на радиодифузерите.