Поддршка за младите

Владата ќе води младинска политика која ќе биде јадрото на политиките за вработување, за рефоми во образованието, здравството, културата, спортот итн. Во политиките на Владата, главниот акцент ќе биде ставен токму врз мерките со кои ќе се подобрат студентскиот живот и стандард, а младите ќе дојдат полесно до прво вработување. Наша приоритетна цел е младите да ја проектираат и градат својата иднина во својата татковина.

Владата ќе воведе посебна студентска платежна картичка за користење на услугите во студентските кампуси, попусти за користење на меѓуградскиот превоз, попусти при посета на сите државни и национални институции, попусти за посета на спортски и културни настани од национален карактер.

Новата политика за стипендирање на студентите ќе биде преку комбинација на државни стипендии и поттикнување на фискални олеснувања за фирмите кои ќе одвојуваат процент од добивката за стипендирање. Предност ќе имаат студентите со најдобри резултати, но и они кои се соочуваат со поголеми економско-социјални проблеми. 

Владата ќе отвори дијалог со студентите околу начините за департизација и плурализам во студентското организирање, што ќе овозможи суштинско учество на студентите во телата на управување на универзитетите и нивно влијание врз прашањата од нивен интерес. Во соработка со нив, Владата ќе промовира и регионален проект за размена на студенти. 

Владата ќе иницира организирање на државни натпревари во десетина различни категории и средношколска олимпијада, по теркот на Младинските студентски игри, на која најталентираните средношколци ќе се натпреваруваат во олимписки дисциплини. Така, ќе создаваме успешни млади таленти, ќе го развиваме знаењето и спортскиот дух кај младите и ќе обезбедиме дружење меѓу средношколци од целата држава.

Владата ќе создава услови за зголемен број на часови по спорт во основните и во средните училишта: тренинзи, обуки и натпревари во скоро сите спортови. Целта ни е сите ученици да може да се дружат и да живеат здрав живот без притоа тоа да претставува финансиски товар за нивните родители.