Заштита од природни катастрофи

Според анализите на Светска банка, Република Северна Македонија сè повеќе ќе биде загрозена од природни непогоди, како резултат на климатските промени. Од тие причини, нашите институции мора да бидат подготвени да се справуваат со овие предизвици и да ја минимизираат штетата по животот, здравјето и имотот на граѓаните. Поплавите во последните две години ги покажаа сите системски слабости на институциите, особено во делот на превенција и доведоа до големи жртви, задоцнета и недоволна помош и голема дискриминација.

Владата ќе го преиспита функционирањето на овие институции, прецизно ќе ги дефинира надлежностите на секоја од нив и ќе обезбеди функционален систем за заштита на животот и имотот на граѓаните. Сите институции во системот за заштита и спасување од природни катастрофи ќе бидат екипирани со соодветен стручен кадар кој постојано ќе биде обучуван. Нивната соработка ќе се подигне на значително повисоко ниво. Ќе се набави современа опрема и ќе се додели на сите надлежни институции, а постоечката ќе се одржува во добра кондиција.

Владата ќе воведе интегриран систем на управување со водите преку формирање на Агенција за води. Сите податоци за водните ресурси собрани од надлежните институции ќе бидат интегрирани на едно место и сите активности ќе се координираат користејќи единствен систем за управување и делување. Користејќи ги сите расположливи податоци од институциите, од општините, но и сите достапни ресурси кои ЕУ ги става на располагање, веднаш ќе почнеме со изготвување на реален оперативен план за заштита од поплави за загрозените подрачја, а ќе ги преиспитаме плановите за заштита на секоја општина и градот Скопје. Континуирано ќе се спроведуваат обуки и информирање на населението за ризиците од поплава и како да се однесуваат во случај на поплава и други непогоди.

Владата ќе изработи „Катастар на загрозени подрачја од природни непогоди во Северна Македонија со степен на ризик“ кој ќе влезе во сите плански и секторски документи, при што ќе се дефинират црвени зони (не смее да се гради), жолти зони (може да се гради но само со заштитни мерки) и зелени зони (слободни за градба). Ќе се зајакне експертската контрола во изготвување и спроведувањето на делот на заштита и спасување во просторните и урбанистички планови.

Владата ќе ја вклучи експертската јавност во креирање на мерки за борба против ерозија и уредување на порои, пошумување на околните планини каде со уништување на шумите се допринело за ерозија на земјиштето. Ќе се преиспита издржливоста на градби објекти во ранливи региони и ќе се предвидат мерки за санирање и одржување на браните. Очигледниот криминал со нелегалната сеча на шумите ќе се сузбива со преминување на секторот за шумска полиција од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во надлежност на Министерство за внатрешни работи.

Владата ќе иницира дебата околу забрана за изградба на објекти во коритата на реките и ќе го санираме коритото на Вардар чија пропустна моќ е дополнително намалена со градбите од „Скопје 2014“. Ширината на крајбрежниот појас ќе се дефинира согласно европските стандарди.

Владата ќе развива современ хидрометеоролошки систем за рано предупредување во случај на ризик од невреме, за населението да биде навремено информирано и подготвено да се справи со предизвиците. Ќе се воспостави единствен систем за известување и тревожење и единствен комуникациско-информациски систем со реализација на повикувачкиот број за кризни ситуации - Е-112.

Владата ќе ги искористи можностите на „Европа Ре„ формирана како компанија за реосигурување преку јавно-приватно партнерство со неколку држави во регионот. Во случај на природни катастрофи, македонскиот буџет ќе биде сигурен, а сите штети ќе бидат покриени преку системот на реосигурување. Со користење на иновативни технологии, системот гарантира покривање на сите штети согласно швајцарски стандарди за квалитет, без субјективност, политички влијанија и можности за корупција.