Последната сесија од вториот дел од форумот „Две години влада – Одговорно пред граѓаните“, посветен на приоритетите на Владата на Република Северна Македонија, беше посветена на економијата, и на неа зедоа учество претседателот на Академијата на науките и уметностите на Северна Македонија – МАНУ, Таки Фити, претседателот на УО на НЛБ Банка ад Скопје, Антонио Аргир и Коста Петров, претприемач.
Претседателот на Академијата на науките и уметностите ма Северна Македонија – МАНУ, Таки Фити истакна дека академијата во своите документи ја има истакнато пазарната економија како носител на економскиот раст и развој и дека тој развој треба да дојде од реалниот сектор, со поддршка на политиките на Владата на РСМ.
„Владата мора да обезбеди модерна стопанска инфраструктура, праведна и фер регулација на бизнисите, еднаков третман на фирмите во пристапот до јавните набавки и со сите облици на државна помош на стопанството“, потеннцираше академик Фити и додаде дека треба да се заборават поранешните штетни практика на привилегирање на бизниси блиски до владејачка структура.
Академик Фити потенцираше дека особено внимание во иднина треба да се посвети на реализацијата на јавните инвестиции, особено во патната инфраструктура, гасификацијата и енергетиката, со посебно внимание на заштитата на животната средина.
Како посебна препорака за идните приоритети на Владата на РСМ, академик Фити ја нагласи неопходноста од промената на структурата на македонската економија за да им се даде предност на иновативните, современо ориентирани компании.
„Кај нас знаењето во економијата учествува само со 30 % во динамизирање на растот, во развинетите земји овој процент изнесува од 50 до 60%, и затоа е особено значајно тоа што го прави Владата, заедно со Фондот за иновации и технолошки развој во поддршката на иновативни бизниси“, рече претседателот на Академијата на науките и уметнстите на Северна Македонија – МАНУ, академик Таки Фити.
Антонио Аргир, претседателот на УО на НЛБ Банка АД Скопје, ја поддржа препораката на академик Фити за поддршка на иновативните бизниси и на економијата заснована на знаење, а посебно ја истакна вредноста којашто произлегува од стабилната политичка ситуација, од решените проблеми со соседите, од стабилни макроекономски политики кои резултираа со задолженост и стабилен банкарски сектор.
„Она што е клучно е да го золемиме нивото на реализација на капитални инвестиции, како клучни за краткорочните и долгорочни ефекти важни за економијата. Мојата препорака за еден од идните приоритети на Владата е да ги засили политиките за борба против одлевањето на младите стручни потенцијали од земјата.
Претседателот на УО на НЛБ Банка АД Скопје Антонио Аргир сугерираше дека фокусот во иднина треба да биде ставен на дополнителен поттик на домашните, извозно ориентирани компании, кои во рецесијата се покажаа како најрезистентни на економските кризи.
Во својот дел од учеството во вториот дел од форумот „Две години влада – Одговорно пред граѓаните“, посветен на приоритетите на Владата на Република Северна Македонија на економијата, претприемачот Коста Петров нагласи дека за прв пат во историјата на државата имаме успешни бизниси кои се резултат на љубов и макотрпна работа, и на поддршката на Владата на малите и средни компании.
„Овие претприемачи се факторот кој може да ја промени бизнис реалноста на Северна Македонија, и многу е важно да продолжат политиките и економските програми за да бидат уште понепосредни вклучени во процесите кои ќе го направат нашиот живот подобар“, нагласи Петров, и ја поддржа неопходноста од поголема соработка на гигантите со старт ап компаниите, како и неопходноста од поголемо учество на жените во политиката и во бизнисот.
Премиерот Заев, како резиме на денешниот форум „Две години влада – Одговорно пред граѓаните“, се заблагодори за интересот и активното учество на учесниците на настанот, кои како претставници на општеството и граѓаните, го дадоа својот придонес за критички осврт кој е од голема помош за идните активности на Владата.
„Оваа Влада покажа дека сака да учи и да се корегира. Владеењето на правото да го видиме во пракса, борбата против омразата и против корупцијата да ги видиме во пракса и на дело. Мора да се осврнеме на ранливите категории на граѓани. Тоа е обврска на сите. Мора да го дигнеме квалитетот на живот на граѓаните“, нагласи премиерот Заев и додаде дека имплементацијата на законите ќе биде поуспешна ако се вградат и граѓаните со своите коментари.
„Овие форуми се своевиден брејнсторминг за иднината на нашето општество. Помага да се менуваме на подобро за да бидеме подобра Влада во следниот период“, потенцираше премиерот Заев на „Две години влада – Одговорно пред граѓаните“.