Од 138 седница на Владата на РСМ: Утврден План за реализација на краткорочните приоритети од Извештајот на ЕК; Започнаа катастарско-урбанистичките работи на парцелата за новиот Клинички Центар; На 8 јуни ќе се одработи 7 мај во Град Скопје

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 138 седница ја разгледа Информацијата за клучните наоди и препораки од Извештајот на Европската Комисија за Република Северна Македонија за 2019 година, и ги усвои заклучоците што ги предложи Секретаријатот за европски прашања.

Согласно заклучоците, Владата на РСМ го задолжи Секретаријатот за европски прашања да подготви План за реализација на краткорочните приоритети од Извештајот на ЕК и веднаш да ја достави деталната анализа и Планот за динамика на ревизијата на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ до ресорните институции и работни групи за усвојување европското право.

На денешната седница владата ја разгледа ги усвои Информацијата и Одлуката за давање на согласноста за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Урбанистички план вон населено место ”ВЕЛЕ ПОЛЕ”, за изградба на објекти со намена А-времено домување, Б-комерцијални и деловни намени, В-јавни институции, Д-зеленило и рекреација и Е-инфраструктура, КО Кучково, КО Волково, КО Ѓ.Петров 1 и КО Ѓорче Петров 3, Општина Ѓорче Петров.

Со оваа одлука на Владата започнаа активностите за катастарско-урбанистичките работи на парцелата којa е наменета за изградба на новиот Клинички Центар на утврдената локација во општина Ѓорче Петров.

На оваа своја седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата согласно која е донесена Одлука за висината и начинот на наплата на надоместокот за употреба на пат, односно на патарината.

Оваа одлука се донесува заради воведување на наплата на патарина на новите автопатни правци Демир Капија - Гевгелија, Миладиновци - Свети Николе, и Свети Николе - Штип, како и заради можноста за електронска наплата на патарината со електронски безконтактни смарт картици, и со билети за ненаплатена патарина со налог за плаќање.

Дополнително, на предлог на Министерството за финансии, Владата денеска го усвои Предлог на Закон за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем наменет за финансирање на Проектот за изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини долж Коридорот VIII и автопатот Миладиновци - Штип, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за одржаниот тринаесетти состанок на Поткомитетот за правда и внатрешни работи помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација, со предлог заклучоци според кои, меѓу другото, го задолжува Министерството за правда да го информира Секретаријатот за европски прашања за имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудството и Акцискиот план на квартално периоди, како и да му укаже на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија да достави до Европската комисија преку Секретаријатот за европски прашања најнови информации за статусот со постапката за наодите од Извештајот за извршен увид од функционалноста на информатичкиот систем АКМИС и надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник во судовите, најдоцна до 30 јуни 2019 година.

Заклучоците на Владата од оваа седница ја обврзуваат Управата за извршување санкции да преземе итни мерки за оперативност на системот на пробација на територијата на целата земја и да преземе мерки и активности за поттикнување на примената на овој систем, а Судскиот совет на Република Северна Македонија во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители да одржат обуки/советувања за поттикнување на употребата на алтернативни на мерката притвор до крајот на 2019 година.

Согласно препораките од одржаниот тринаесетти состанок на Поткомитетот за правда и внатрешни работи помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација, се задолжува Министерството за труд и социјална политика во соработка со ресорните институции да започне постапка за усогласување на сите други релевантни закони по усвојувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација до 30.09.2019 година, а Министерството за внатрешни работи да обезбеди системска употреба на биометриска регистрација, и да доставува известувања за тековните активности до Европската комисија преку Секретаријатот за европски прашања на квартално ниво.

На предлог на Министерство за здравство, Владата на РСМ денеска ја усвои Предлог - програма за дополнување на Програмата за партиципација при користење на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствена заштита на родилките и доенчињата за 2019 година, со што се создаде правен и финансиски основ за ослободување од обврската за плаќање на учество (партиципација) за користењето на здравствените услуги од страна на повредените патници во сообраќајната несреќа која се случи на 13.02.2019 година на патот Скопје-Тетово. Истовремено и за повредените патници без уредно здравствено осигурување се обезбедуваат средства во висина на максимално утврдениот износ на личното учество во вкупните трошоци на здравствените услуги (партиципација) во текот на нивното болничко лекување.

Владата на Република Северна Македонија денеска ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и за деца корисници на посебен додаток за лето 2019 година, и го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од 5 дена да донесе Програма за седум дневен одмор на децата опфатени со овој проект, како и да објави повик на Јавно радиодифузно претпријатие Национална радиотелевизија во сите редакции, веб страната на Министерството за труд и социјална политика и во Центрите за социјална работа, во јуни 2019 година за учество на заинтересираните деца во оваа програма.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за давање одобрение на Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија за започнување на постапка за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка на софтверски лиценци. Целта на оваа набавка е модернизација, оптимизација и зголемување на ефикасноста на јавната администрација, како и постигнување на поголема безбедност и заштита на податоците и сообразеност со европската регулатива за сајбер безбедност.

На оваа своја седница, Владата донесе одлука за воспоставување на дипломатски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Кореја.

На денешната седница Владата донесе заклучок 7 мај, кој беше прогласен за неработен ден заради посетата на Папата Франциск, да биде одработен на 8 јуни.

Оваа одлука се однесува на основните и средните училишта на територијата на Град Скопје кои го немаат одработено овој ден во претходниот период, како и за детските градинки и здравствените установи на територијата на Град Скопје, кои од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство ќе добијат планови за работењето во овие дејности.

Со оваа одлука, Владата му препорачува и на приватниот сектор на територијата на Град Скопје, да ја спроведе оваа одлука овој ден да биде работен и за вработените во овој сектор доколку претходната препорака на Владата за 7 мај да биде неработен ден била спроведена од страна на приватниот сектор.