Промовирана Конвенцијата на Обединети Нации за правата на лицата со попреченост на Брајово писмо и во аудио формат: Лицата со попреченост ќе се информираат за своите права

Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа промоција на Конвенцијата на Обединети Нации за правата на лицата со попреченост која е достапна на Брајово писмо и во аудио формат. Настанот го организираше Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата, а говореа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, претседавач на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Спасе Додевски, претставници од Националниот совет на инвалидски организации на Македонија и Здружението на слепи лица на Општина Велес.

„Посебно се радувам што лицата со оштетен вид веќе имаат можност да се запознаат со содржината на Конвенцијата на Обединети Нации која ги гарантира правата на лицата со попреченост. Оваа Конвенција беше основата за подготовката на новиот Закон за социјална заштита со којшто ги унапредуваме правата на лицата со попреченост. За разлика од досегашната пракса, со која само се трансферираа пари до крајните корисници без притоа да добијат соодветна услуга, сега се става акцент на развојот на услугите кои ќе ја подобрат поддршката и негата ,но и ќе ја зголемат независноста на лицата со попреченост и нивната вклученост во општеството, што е втемелено во одредбите на самата Конвенција“, рече министерката Царовска.

Претседавачот на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Спасе Додевски истакна дека Конвенцијата на ОН освен што е важна за лицата со попреченост е подеднакво значајна и за Национално координативно тело, но и за Владата во целина, бидејќи таа е основата за планирање на сета национална легислатива.

„Само едуцирани, зајакнати и информирани граѓани за своите права можат да лобираат и да побараат реализација на правата зацртани во Конвенцијата. Нашата земја ја ратификуваше во 2011 година, но оваа година за прв пат истата се спроведува преку изготвувањето на Акцискиот план, согласно препораките од Комитетот на ОН за правата на лицата со попреченост. Изготвувањето на Конвенцијата во Брајово писмо и во аудио верзија, коешто беше иницијатива на здруженијата, уште еднаш ни покажува дека организациите на лицата со попреченост имаат голема улога во процесот на зајакнување на своите членови, но и во давање на својот придонес за имплементација на мерките од Конвенцијата“, рече Додевски.

Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост е печатена во 100 примероци на Брајово писмо и прилагодена во аудио формат во 300 примероци.