8 јуни (сабота), работен ден за сите институции коишто не работеа на 7 мај

На последната седница, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука на 8 јуни (сабота) да се одработи 7 мај, ден којшто беше прогласен за неработен поради посетата на Папата Франциск.

Тоа значи дека 8 јуни е работен ден за сите вработени во државната и јавната администрација во сите институции на територијата на Град Скопје, за вработените и за учениците во основните и во средните училишта на територијата на Град Скопје коишто го немаат одработено овој ден во претходниот период, како и за детските градинки и здравствените установи на територијата на Град Скопје, кои од Министерството за труд и социјална политика и од Министерството за здравство ќе добијат планови за работењето во овие дејности.

Исто така, Владата препорачува одлуката за одработување на 7 мај на 8 јуни, да ја спроведат и општините во градот Скопје и Градот Скопје.

Истовремено, доколку претходната препорака на Владата за 7 мај да биде неработен ден била спроведена од страна на приватниот сектор, сега Владата на приватниот сектор му препорачува тој ден да се одработи на 8 јуни (сабота).