Шеста јавна дискусија за ,,Стратегијата за едно општество и интеркултурализам”: Да ги негуваме различностите и заедништвото уште од најмала возраст и да останеме посветени на обезбедување еднакви можности без разлика на етничка и национална припадност

Во Куманово денеска се одржа шестата, од серијата јавни дискусии за претставување на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“.

Министерката без ресор, задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, осврнувајќи се на еднаквоста и недискриминацијата како темелни принципи врз кои е поставена Стратегијата за едно општество и интеркултурализмот во нашата земја, истакна дека економскиот развој е силен импулс кој дополнително ги зајакнува потенцијалите кои овозможуваат јакнење на  човековите права, демократијата и владеењето на правото.

 

 

„Интегрирачките капацитети на овој фактор дополнително се зајакнуваат доколку истиот произлегува и од рушењето на родовите бариери и ослободување на економскиот потенцијал кој лежи скриен во женската популација. Генералните владини политики и активни мерки за поддршка на женското претприемништво и креирање на инфраструктура за негова поддршка, се фокусирани на инклузијата на жените од руралните средини. Донесовме мерка за доделување неповратна финансиска поддршка во висина од 180.000 денари за реализирани инвестиции за жените од руралните средини“, рече во своето обраќање министерката Апостолска, и додаде дека дека во оваа насока на зајакнување на еднаквиот статус помеѓу мажите и жените во сферата на економијата и заживувањето на концептот на едно општество за сите, е  и Стратегијата за развој на женското претприемништво за периодот 2019 - 2023 година, во која годинава само за оваа цел се обезбедени 2,5 милиони денари.

Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов, кој е и координатор на кластерот образование во Стратегијата за време на јавната дискусија се осврна на потребата, при донесувањето и имплементацијата на документот да се работи на интеграцијата и соработката во образованието, уште од најмала возраст во училишните клупи. 

,,Затоа главен приоритет е обезбедување интеракција меѓу учениците од сите различности и различните етнички заедници и наставни јазици во основното и во средното образование. Во функција на наведениот приоритет ќе обезбедиме заеднички вон-наставни активности во училиштата, заеднички наставни активности по најмалку два различни предмети и зајакнување на меѓусебната соработка помеѓу различни општински/државни училишта”, порача Атанасов.

Граѓанската активистка Мерсиха Смаиловиќ истакна дека ,,Стратегијата едно општество за сите” е појдовен документ и добар столб на кој ќе се гради општеството и државниот систем кој треба да се воздигне од  недискриминацијата, етничката поделеност и сите други форми на поделености.

,,Убавината на нашето општество е во таа развиена интеркултурност и гордост која секој од нас ја чувствува затоа што е различен, но, притоа горди сме што ги признаваме сите различности, се бориме за обезбедување еднаквост, социјална правда, правичност, еднакви можности, вклученост и учество на граѓаните во системот, но и во одлучувањето и постигнувањето на општествена кохезија”, рече Смаиловиќ, изразувајќи задоволство што претставниците на граѓанскиот сектор имаат можност искуството и работата со маргинализираните групи од терен да го преточат во законските прописи и насоки. 

Заменик-координаторката Андријана Томовска претставувајќи го Нацрт-текстот на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот“ истакна дека документот кој прв пат се подготвува во Северна Македонија е од исклучително значење, посветувајќи се на јакнење на активностите и процесите на комуникација и соработка меѓу различните култури и заедници во насока на создавање фер и правично општество за сите граѓани подеднакво.

Учесниците во дискусијата ја поздравија иницијативата за Националната стратегија, посебно позитивно оценувајќи го учеството на граѓанскиот сектор, и изнесоа повеќе идеи и забелешки за намалување на поделбите и за создавање услови за подобро општество во кое граѓаните ќе се чувствуваат со еднакви можности,  без оглед на нивните различности по разни основи .

Учесниците на денешната дебата ги поздрави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој истакна дека токму овој град ја отсликува државата во мало, со оглед на нејзината разновидна национална, етничка, религиска слика и припадност на граѓаните, како и имплементација на придобивките од меѓуетничката толеранција, комуникација и взаемно почитување на луѓето што живеат тука.

Следната јавна дискусија за Стратегијата е во Струга на 11 јуни.