Царовска: Со реформите директно ја намалуваме сиромаштијата во државата

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на синоќешната дебата посветена на две години Влада рече дека изминатите две години Министерството за труд и социјална политика го води во интерес на граѓаните и со работење на реформи со кои релативната сиромаштија треба да се намали за 3%, а апсолутната да се сведе на нула.

“Сиромаштијата за прв пат се третира во текот на целото живеење од раѓање до крајот на животот и тоа дефинитивно ќе даде ефект”, рече министерката Царовска.

Царовска истакна дека со социјалната реформа за прв пат како универзално право за сите домаќинства со ниски приходи се воведува детски и образовен додадок и сите посиромашни семејства ќе можат да обезбедат еднаков старт за своите деца. Исто така се воведува социјална сигурност за стари лица. Овој надоместок од 6.000 денари, месечно се очекува да го земаат околу 6.000 повозрасни лица. Истовремено работоспособните примателите на социјална помош ќе се активираат на пазарот на трудот.

„Поентата на социјалната реформа е да ги внесе најранливите во системот и да им обезбеди шанса за пазарот на трудот. Спроведуваме социјална реформа која концептуално го трансформира општеството“, рече Царовска.

За намалувањето на сиромаштијата, истакна Царовска, Владата допринесе и со решaвањето на над 10.000 стечајци кои со години ја чекаа правдата од оваа држава. Тие месечно добиваат по 8.000 денари надоместок од државата се до нивното пензионирање. 
“Ќе следат и дополнителни законски измени, со што ќе се зголеми бројот на стечајци коишто сме ги обезбедиле финансиски. Тоа значи дека таа група исто така ја извлекуваме од сиромаштија“, рече Царовска.

Министерката истакна дека пензиите се стабилни и продолжуваат да растат со усогласување два пати годишно со инфлацијата. Економскиот раст од 4,1% во првиот квартал од годината е добар показател дека е можни и дополнително трето усогласување, ако ваквиот раст продолжи до крајот на годината.

Во Отвореното студио на тема услуги за граѓаните, социјална заштита, здравство и реформи во јавната администрација и информатичкото општество, говореа и премиерот Зоран Заев и министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Венко Филипче и Дамјан Манчевски.