Министерот Филипче на Регионална конференција за ретки болести: За 2 години воведовме 5 нови лека, буџетот за ретки болести изнесува 380 милиони денари и заеднички со здруженијата работиме за поквалитетен третман на овие лица

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче денеска се обрати на Регионалната конференција за ретките болести, која се одржува во Струга, во организација на Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“.

„Министерството за здравство особено е посветено на грижата за лицата со ретки болести. Во постојана комуникација и координација сме со здруженијата кои се вложуваат во оваа област и заеднички работиме за поквалитетен третман на ретките болести. Со Програмата за ретки болести овозможуваме континуитет на активностите кои државата ги презема за набавка на медицинска терапија за лекување и третман за пациентите со ретки болести. За оваа година, обезбедени се вкупно 380 милиони денари, а само за споредба во 2017 година оваа Програма изнесуваше 214 милиони денари“, истакна министерот Филипче. 
 
Минатата година се воведени 3 нови лека за ретки болести, од кои еден за болеста фамилијарна амилоидна полиневропатија, апластична анемија и нов лек за болеста Гоше, а годинава се воведуваат уште два нови лека.

При набавката на лекови за ретки болести се почитуваат највисоките стандарди за квалитет, меѓу кои: операторот да поседува одобрение за ставање на лекот во промет во Република Северна Македонија или одобрение за ставање на лекот во промет, во земја членка на ЕУ, Норвешка, Швајцарија, САД, Канада или Јапонија, сертификат за квалитет на готов лек од производителот не постар од 3 години или сертификат за пуштање на серија во промет од производителот не постар од 3 години; но воедно дефинирани се и прецизни услови за техничка и професионална способност на економскиот оператор со цел да се обезбеди квалитет на производот.

Министерството за здравство е секогаш отворено за соработка и останува посветено на решавање на потребите на сите пациенти, со посебен фокус на лицата со ретки болести.