Премиерот Заев и министерот Спасовски: Ветингот, како процес на проверка за вршење на функциите ќе биде законски и правичен без да остави впечаток за реваншизам

Во емисијата „Отворено“ на ТВ 24, како дел од јавните настапи „Две години Влада - Одговорно пред граѓаните“ во која учествуваа претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев, заменик-претседателот на Владата на РСМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за правда, Рената Дескоска и министерот без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт, Поповски, министерот Спасовски како посебно значаен го потенцираше стартот на подготовките за ветинг во Министерството за внатрешни работи.

Ветингот, како процесот на проверка за вршење на функциите, рече министерот за внатрешни работи Спасовски, ќе се спроведе врз основа на анализа на состојбите и полицијата и во другите институции, откако ќе биде спроведена јавна расправа и конференција на која ќе се зборува за подготовка на законско решение за спроведување на ветингот.

„Започнавме реформски процес кој ќе го демонтира системот кој беше јадро на политичката криза.  Тоа е концепт кој ќе се заснова на 3 столба. На начинот на вработувањето на секој полицаец, второ, на имотната состојба на полициски службеник и трето образованието и квалификациите“, објасни министерот Спасовски.

Премиерот Заев, во поддршка на оваа иницијатива истакна дека ветингот е процес за кој ќе биде загарантирана правна постапка со претходно законско решение кое ќе биде донесено низ широка јавна расправа за да биде целиот процес правичен, без да остави впечаток за реваншизам.