Бектеши: Намалувањето на младинската невработеност и создавањето на динамичен екосистем за претприемништво и иновации се наш приоритет

Зголемување на капацитетите на младите од Северна Македонија за да се вклучат во претприемништво, зголемување на улогата на приватниот сектор во образованието за претприемништво и зголемување на поддршката на политики кои ги подобруваат економските услови за младите од државата беше целта на настанот „Можности и бариери за младинско претприемништво и вработување во приватниот сектор во Северна Македонија“, во рамки на проектот „Ангажирање на приватниот сектор во образованието за претприемништво“ кој се спроведува од страна на ЕПИ и МОФ, а е поддржан од Центарот за меѓународно приватно претприемништво (CIPE).

„Факт е дека невработеноста кај младите е голем проблем. Затоа, како Влада, го поставивме за приоритет намалувањето на младинската невработеност. Минатата година севкупниот процент на невработени го спуштивме под психолошката бројка од 20%, a според последниот извештај изнесува на невработеност изнесува 17,8 %, што за Владата претставуваше импулс годинава за речиси три пати да го зголеми буџетот за поддршка на Оперативниот план за вработување. За ова добивме дополнителна мотивација и од намалувањето на процентот на невработени меѓу младите. За разлика од, на пример, 2015 година, кога процентот на невработени млади изнесуваше 47,3% со тренд на негативен пораст во 2016 година, во 2018 година од негативен тренд, бројот на млади невработени го свртевме во позитива и тој лани изнесуваше 45,8%“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши, додавајќи дека од аспект на вклучување на младите во претприемништвото, во 2018 година Владата ја усвои Стратегијата за МСП во која посебен акцент е ставен на поддршката на претприемништвото и иновациите. 

„Една од стратешките цели е развој на динамичен екосистем на претприемништво и иновации, односно поттикнување економската конкурентност на земјата преку зголемување на претприемачкиот и иновативниот капацитет на МСП. Ова ќе ги зајакне врските меѓу индустријата, образованието и научно-истражувачката заедница. Македонските претпријатија многу ретко одржуваат тесни врски со образовните и научните институции и истражувачките центри, и тој недостиг мора да го надоместиме. Креирањето, зајакнувањето и одржувањето на овие врски ќе го охрабри интернационализирањето на истражувачките активности и ќе помогне во промовирањето на партнерствата со европските истражувачки институти и претпријатија“, посочи Бектеши, презентирајќи ги активностите што се преземаат за да се олесни создавањето на повеќе научно-технолошки паркови и иновациски инкубатори, како екосистем за претприемништво и иновации и да ја осигура нивната одржливост.

Ангел Мојсовски од Европски институт за политики (ЕПИ) истакна дека во соработка со МОФ спроведуваат истражување за можностите и бариерите за младинското претприемништво во рамки на проектот поддржан од CIPE кој се состои од два дела, а тоа е подигнување на капацитетот на младите за претприемиништвото, додека пак, другиот дел е истражување за подобрување на економските услови.

„Статистиката покажува дека невработеноста во државата се намалува и моментално таа изнесува 20,7%. , додека младинската невработеност изнесува 45,4%. Нашите испитаници утврдија неколку фактори кои придонесуваат кон погоре утврдената состојба: работодавците и нивниот пристап кон вработувањето; јазот помеѓу понудата на работната сила и барањата на пазарот и недоволната соработка помеѓу клучните чинители, вклучувајќи ги владините институции, образовните институции и бизнисите, односно работодавците“, претстави Мојсовски дел од наодите во анализата. 

Олимпија Христова-Заевска, советничка за меѓународна економија и развој во Кабинетот на Претседателот на Владата на РСМ, земајќи ги предвид наодите од Светска банка во однос на младинската невработеност во државата, рече: „Како Влада не стравуваме да бидеме реални околу ова прашање. Треба да притискаме државата да биде претприемничка, а и самите инвеститори да вработуваат претприемачи. Истовремено, државата треба да помогне за поддршка на иновациите. Подготвени сме да работиме на поголема координација меѓу сите носители на активности кои се дел од стратегиите кои ги работеше Министерството за економија, посебно оние за МСП и претприемништво“. 

И универзитетски професор на Универзитетот на ЈИЕ и поранешен заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања и поранешен министер за економија, Фатмир Бесими ја нагласи потребата од фокусирање кон претприемништвото. 

„Забележав дел од податоците што денеска беа презентирани како резултат од направената студијата, кои мора да ги имаме превид. Дури 57% од младите чекаат вработување надвор, на меѓународните пазари на труд. Што се однесува до нивото на невработеност кај младите во државата, тоа во блиска иднина очекувам да се трансформира“, потенцираше Бесими. 

Во дискусијата учествуваа и Валентина Дисоска од Здружениeто на бизнис жени - Македонија, Тања Илиевска, како претставник од Фонд за иновации и технолошки развој, Ивона Крстевска од Национален младински совет на Македонија и извршниот директор на Kariera.mk, Норик Селими, а во рамки на настанот за победниците од Школата за претприемништво „Од идеја до стартап“ се предвидени награди и сертификати.