Министерот Адеми се сретна со претставниците на Метрудхем

Денес, министерот за животна средина, Абдилаќим Адеми и стручниот тим на Министерството, остварија средба со претставниците на компанијата Метрудхем, која има доставено писмо за намера за рестартирање на велешка Топилница.

Целта на средбата беше, по средбата со велешани, да се сослуша и другата страна за да се надмине состојбата на дезинформираност и шпекулации со информации и да се создадат услови за максимално почитување и законите и функционирање на правната држава.

На средбата, министерот Адеми го презентираше ставот на Министерството кој беше искажан и во Велес на неодамнешната средба со невладините орагизации, со локалната самоуправа и со Одборот за спас на Велес, дека Министерството ќе работи исклучиво во рамките на процедурата која е со закон пропишана и дека во оваа фаза неможе да стане збор за било каква одлука или забрана.

Дури по изработката и разгледувањето на Студијата за оцена на влијанието врз животната средина која ќе биде доставена од страна на инвеститорот Метрудхем, ќе може да се заземе конкретен став и да се донесе решение.

Министерството како државен орган, мора да ги разгледа и да штити интересите на сите заинтересирани страни што значи и на граѓаните и на потенцијалните инвеститори, но исклучиво во рамките на законите.

Од друга страна и претставниците на Метрудхем, откако ја претставија сериозноста на својата фирама, ја искажаа подготвеноста да ја прифатат одлуката на Министерството и на Владата на РМ, без разлика каква ќе биде, но откако ќе бидат сослушни.

Директорот на Метрудхем, г-динот Тони Димитриевски ја искажа намерата на компанијата, при изработка на Студијата за ОВЖС за рестартирање на Топилница, да се вклучат реномирани експерти од областа и наговести употреба на најдобри достапни производствени техники прифатени и усвоени на ниво на Европската Унија.