Премиерот Заев прими делегација на Сојузот на борците од НОВ во работна посета: Силна е симболиката на јубилејот 75 години АСНОМ со реализацијата на стратешките определби на земјата за нејзино членство во ЕУ и НАТО

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска одржа работна средба со делегација на Сојузот на борците од НОВ, што ја предводеа Никола Стојаноски претседател на Главниот одбор, Борко Зафировски, потпретседател на Главниот одбор, и Трајко Стаматоски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борците од НОВ. 

Во пресрет на активностите по повод 75 годишнината од АСНОМ, на работната средба се разговараше за организацијата за достојно одбележување на овој значаен јубилеј, како и за предлог решенијата за тековните состојби поврзани со буџетот и имотните прашања на Сојузот на борци од НОВ, како едно од суштинските здруженија кое ги одржува сеќавањата и придобивките од антифашистичката војна низ која се роди државноста на нашата земја.

Премиерот Заев го истакна креативниот пристап на Сојузот на борците за предлозите за свеченостите со кои ќе се одбележи значајниот јубилеј – 75 години АСНОМ, за кои истакна дека се исполнети со силни историско-културолошки и политички пораки, и дека како покровител на овие свечености ќе го даде соодветниот придонес за остварување на програмските цели на овие јубилејни свечености.

Делегацијата на Сојузот на борците ја потенцираше симболиката на јубилејот со годината во која се реализираат и стратешките определби на независна Република Северна Македонија за нејзино членство во ЕУ и НАТО, и ја нагласија поддршката на борците за политиките на Владата на РСМ за овие прашања.