Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната, 142-ра седница

На предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство, Владата на Република Северна Македонија на денешната, редовна 142-ра седница ќе ја разгледа информацијата за напредокот на процесот на изготвување закон за донирање на вишокот на храна. 

Министерството за надворешни работи за денешната седница предлага три важни предлог – закони и тоа: предлог - закон за ратификација на Амандманот од Доха на Протоколот од Кјото кон Рамковната Конвенција на Обединетите Нации за климатски промени, предлог – закон за ратификација на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за отворање нов граничен премин меѓу двете земји кој ќе ги поврзува Мајден во Република Северна Македонија и Промахoи во Република Грција, како и предлог - закон за ратификација на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за отворање на еден граничен премин во Регионот на Преспанското Езеро.

Пред министрите денеска ќе се најде информацијата за статусот на воспоставувањето на само одржлив систем за интегрирано управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион. 

На дневен ред на 142-та владина седница е и информацијата за мапирање на јавните институции и локации за бесплатен WIFI пристап. 

На предлог, пак, на Министерството за здравство членовите на Владата денеска ќе дебатираат за информацијата со акциски план за зајакнување на капацитетите на националниот систем за следење, превенција и контрола на заразни болести

Како материјал за информирање Владата денеска ќе ги разгледа информациите за прогрес на имплементирани проекти од Стратегијата за Роми 2014-2020 во Министерството за труд и социјална политика, како и информацијата за стимулирање и поддршка на стручни и дефицитарни кадри во областа на културата.

142-та седница на Владата на Република Северна Македонија е предвидено да започне во 13:00 часот.

Календар Влада: 
Четврток, Јули 4, 2019 - 13:00 to Петок, Јули 5, 2019 - 13:45