Еден од документите што ќе бидат усвоени на годишниот Самит за Западен Балкан што денеска и утре се одржува во Познањ, Република Полска, ќе биде и Декларацијата на земјите од Западен Балкан за интеграција на Роми во рамки на процесот на проширување на ЕУ.
Декларацијата која беше предложена од Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија на 17-ти мај 2018 година, иницираше регионална посветеност за интеграцијата на Ромите како дел од процесот на проширување на ЕУ, а ќе биде потпишана на Форумот на лидери од земјите на Западен Балкан, во петок на 5 јули.
Иницијативата за оваа декларација, со силна поддршка на Европската комисија и на Советот за регионална соработка, определува амбициозни, но реални цели за интеграција на Ромите, што земјите од регионот треба да ги постигнат пред пристапувањето во ЕУ.
Декларацијата ги опфаќа и основните принципи неопходни за постигнување на поставените цели, вклучувајќи внатрешна координација, распределба на буџетот, следење и известување, учество на Ромите и ги поставува основните принципи за постигнување на стратешката цел на Националната стратегија за Роми 2014-2020:
Намалување на јазот меѓу ромската и не-ромската заедница, зајакнување на процесот на мониторинг на спроведувањето на јавните политики и активности на Владите во регионот со што се придонесува кон подобрување на положбата на Ромите.
Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми во Владата на РСМ Музафер Бајрам е и Национална контакт точка за Роми за координација на акциски планови за реализација на одредбите од Декларацијата на земјите од Западен Балкан за интеграција на Роми во рамки на процесот на проширување на ЕУ, што ќе биде усвоена на Самитот во Познањ.