Премиерот Заев на свеченото отворање на новата фабрика за преработка на месо и месни производи на компанијата „Тиамо“: За само две години Република Северна Македонија стана лидер во искористеноста на европските ИПАРД фондови

Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се обрати на свеченото отворање на новата фабрика за преработка на месо и месни производи на компанијата „Тиамо“.

Покрај премиерот Заев, се обратија и Хајрун Сулејмани, сопственик на компанијата „Тиамо“, Блерим Беџети, градоначалник на Oпштина Сарај како и Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје кои ја потенцираа важноста за проширување на ваквите инвестиции во индустријата за преработка на месо, обезбедувајќи редовно снабдување на пазарот со најквалитетните производи на месо.

Во продолжение на ова соопштение ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Заев:

„Ми претставува посебно задоволство да присуствувам на овој настан, заедно со сите вас, за да бидеме дел од свеченоста на добро познатиот бренд „Тиамо“ кој претставува еден од најпознатите локални брендови со впечатлива традиција. 

Со новата фабрика, овој добро познат бренд го проширува производствениот капацитет во индустријата за преработка на месо користејќи најсовремени системи и методи. Компанијата ја продолжува успешната традиција со инвестирање во современа технологија за преработка на месо со цел да се обезбеди долгорочна стабилност на овој наш македонски сектор. 

Компанијата „Тиамо“, е уште еден успешен пример како со помош на мерките од ИПАРД II програмата може да се модернизира производството. 

Инструментот за претпристапна помош за рурален развој - ИПАРД II Програмата 2014-2020, за нашата земја претставува пристап до фондовите на Европската Унија наменети за финансиска помош за одржливо земјоделство и рурален развој.

Фокус на програмата е имплементација на законодавството на Европската Заедница во однос на заедничката земјоделска политика и политиките за конкурентно одржливо земјоделство, силни и одржливи рурални заедници и разновидна и одржлива рурална животната средина.

Оваа компанија е одличен пример за придобивките од оваа програма и за поддршката што Европската Унија ни ја дава на нашиот пат кон европската интеграција.

„Тиамо“ направи добар проект и конкурираше за мерката „Инвестиции во физички средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“ од ИПАРД 2, за набавка на машини за преработка на месо. 

Добриот проект е награден, по принципот на кофинансирање, со 28 милиони денари. 
Особено ме радува што се работи за инвестиција во месната индустрија, бидејќи нашата цел како Влада е да ја направиме конкурентна месната индустрија како извозно ориентирана гранка. 

Како важна алатка во вкупната преработувачка индустрија од секторот земјоделство, Владата на Република Северна Македонија, преку низата мерки од новата Програма за рурален развој и мерките од европската ИПАРД II Програма, става силен акцент на оваа индустрија, како гранка која има потенцијал за раст и може да даде силен поттик на вкупниот раст на нашата економијата.

Ефикасното искористување на парите од ИПАРД Програмата е наш врвен приоритет, затоа што вложувањето на овие средства значи модернизација и зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство. 

Нашите политики, почитувани граѓани веќе даваат резултати. За само две години Република Северна Македонија стана лидер во искористеноста на европските ИПАРД фондови. Само за првиот јавен оглас од ИПАРД 2 објавен во 2017 година се склучени 947 договори, над 860 договори веќе ги имаат реализирано инвестициите, а досега сме на самиот почеток и се исплатени 3 милиони евра. 

Огромен интерес земјоделците и Агро-бизнисмените покажаа и за мерките од ИПАРД II програмата што се објавија со вториот повик од ИПАРД II. 

На овој начин следејќи ги политиките на ЕУ, од една страна создаваме услови за инвестиции во земјоделството и финалните производи со повисока додадена вредност, а од друга страна со инвестициите во преработувачките капацитети го решаваме и пласманот на земјоделските производи.

Не помалку важно е што овие приватни иницијативи се и од огромно значење и за локалната заедница како што кажа и градоначалникот на Општина Сарај и градоначалникот на Градот Скопје. Особено заради фактот што новата фабрика ќе отвори нови 30 работни места, претставува мотивација за нови други инвестиции, покажува дека е можно да се успее во тоа и да охрабри многу млади луѓе да ја најдат својата егзистенција токму преку храброста да за себе и своето семејство, за својата околина да навистина обезбедат трајни работни места со поголем финансиски бенефит од било каде. 

Се радувам искрено на успехот на сопственикот и неговото семејство и на целиот менаџерски тим на компанијата. Денеска сме овде сите, да ја споделиме искрено оваа радост за ова едно ново добро коешто и се случува на нашата земја. Секако тоа е нивна компанија но и тоа е наша македонска компанија. 

Сметајте на нашата поддршка секогаш додека сме тука и ви посакувам да бидете навистина пример што ќе го следат и сите други. Нека е честито, со лезет, бериќет и успех работата.“