Владата на РСМ денеска ќе ја одржи редовната 143-та седница

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 143 седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

На оваа седница ќе биде разгледана Информацијата за текот на преговорите за натамошна либерализација на трговината со земјоделско - прехранбени производи по договорот за слободна трговија меѓу Република Северна Македонија и Украина.

На предлог на Министерството за правда, Владата на РСМ на оваа седница ќе донесе одлука за Предлог - закон за изменување и дополнување на Законот за правосудниот испит.

Владата на РСМ на денешната седница ќе биде информирана за Извештајот за извршените преговори за склучување на Протокол помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе, што го подготвува Министерството за внатрешни работи.

Министерството за економија на оваа седница ќе ја презентира  Информацијата во врска со работата на работната група за координација и следење на процесот на измените на Договорот за основање на енергетската заедница, а Министерството за труд и социјална политика ќе информира за имплементацијата на Акцискиот план за вработување 2018-2020 година.

На предлог на Министерство за образование на 143-тата седница на Владата ќе биде разгледана и информацијата за „Средношколско демократско организирање“, за „Сеопфатно сексуално образование“ и за „Студентско демократско организирање“.

Овие, како и другите точки од дневниот ред ќе бидат разгледани на 143-тата редовна седница на Владата на Република Северна Македонија која е предвидено да започне во 13:00 часот.