Учество на МНР Димитров и министерот Поповски на Меѓународната конференција за слобода на медиумите во Лондон

Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија составена од министерот за надворешни работи, Никола Димитров и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на покана на Владата на Обединетото Кралство, на 10 и 11 јули 2019 година, ќе престојува во работна посета на Лондон.

Министрите Димитров и Поповски ќе учествуваат на дводневната Меѓународна конференција за слобода на медиумите, којашто за првпат во ко-организација на Обединетото Кралство и Канада оваа година се одржува во Лондон, а следната година ќе се одржи во Канада.

Шефот на делегацијата, МНР Димитров утре (среда),10 јули 2019 година, ќе биде дел од панелот „Слободата на медиумите во Западниот Балкан и нови начини на работа“. На вториот ден од Конференцијата, министерот Димитров ќе биде говорник на панел-дискусијата „Што можат да сторат Владите за да ја зголемат медиумската одржливост?“.

Министерот Димитров ќе учествува и на пленарни сесии и работна вечера во организација на домаќинот и ко-организаторот на Конференцијата, односно со министрите за надворешни работи на Обединетото Кралство и на Канада, Џереми Хант и Кристиа Фриланд.

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, пак, ќе има свое обраќање во рамките на Националните изјави, а ќе учествува и на тркалезна маса: „Кампања за слобода на медиумите: кон 2020 - одржување на влијанието“.

Календар Влада: 
E mërkurë, Korrik 10, 2019 (All day) to E enjte, Korrik 11, 2019 (All day)