Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска се обрати на свеченоста по повод комплетирање на изградбата на основното училиште „Вера Јоциќ“, во општина Гази Баба.
На свеченоста со која се означи почетокот на градежните работи за изградба на нова спортска сала на училиштето, говореа и министерот за образование и наука Арбер Адеми и градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски.
Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека вложувањето во младите и во децата во училишна возраст претставува наш силен влог во иднината.
„Учениците коишто учат во училиштето „Вера Јоциќ“ ќе добијат нова модерна мултифункционална спортска сала за една година од сега. Со тоа се отвораат големи можности за спортување и негување здрави навики на учениците, децата и младите од општина Гази Баба. Оваа сала ќе биде одлично катче на кое спортските здруженија и клубови ќе регрутираат и откриваат нови спортски таленти“, рече премиерот Заев и додаде дека во салата којашто ќе се тренира и игра мал фудбал, одбојка, кошарка, ракомет, гимнастика и други спортови, и граѓаните на Гази Баба ќе имаат можност да се собираат на спортски натпревари и верувам ќе биде место за одлична дружба и забава на сите жители од општината.
Училиштето „Вера Јоциќ“ е едно од четирите новоизградени училишта во последниот период, а во тек е изградбата и на други две нови училишта. Од проектот за изградба на 145 спортски сали потпомогнат од Банката за развој при Советот на Европа, изградени се вкупно 69 сали, а во тек е изградба и на 15 нови спортски сали.
„Владата на Република Северна Македонија заедно со Министерството за образование и општините работи интензивно на изградба на капитални објекти во образованието. Остануваме силно посветени на вложување во човечкиот капитал, во луѓето и децата како наш врвен приоритет и поттик да изградиме долгорочна одржливост на една силна економија којашто ќе отвора шанси и можности за сите“, нагласи Претседателот на Владата на РСМ Заев на свеченоста по повод комплетирање на изградбата на основното училиште „Вера Јоциќ“, во општина Гази Баба.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми рече дека со овој објект се заокружува реализацијата на инвестицијата вредна 60 милиони денари за изградба на целосно нов и современ објект за потребите на училиштето, со што старите и дотраени пост земјотресни бараки заминаа во историјата, и сега започнува реализацијата на нова капитална инвестиција вредна 24 милиони денари.
„Започнавме изградба на современа, енергетски ефикасна, мултифункционална училишна спортска сала, со што учениците кои посетуваат и ќе посетуваат настава овде, ќе добијат комплетни услови за квалитетна реализација на наставата и услови за спортување и рекреација. Во скоро време, ова училиште веројатно ќе биде едно од најмодерните училишта во државата и јас Ве уверувам дека ова нема да биде последна инвестиција во Вашата општина“, истакна министерот Адеми.
Градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски сподели дека со оваа капитална инвестиција, Хиподром и околните населени места ќе добијат комплетен училишен центар за децата од прво до деветто одделение на едно место.
„Салата ќе биде комплетно опремена со спортска опрема и реквизити, со соблекувални и санитарни јазли, туш кабини и канцеларија за професорите, а ќе се протега на површина од 650 квадратни метри. Учениците ќе можат да играат кошарка, одбојка, мал фудбал, ракомет како и повеќето гимнастички спортови. Салата е енергетски ефикасна, а ќе има и пристап за лица со инвалидитет“, рече градоначалникот Георгиевски и изрази благодарност што Владата на РСМ е добар партнер на општината во реализацијата на проектите кои се од големо значење за граѓаните на Гази Баба.