Министерот за образование и наука Адеми: Нудиме квалитетни законски решенија, очекуваме конструктивност од политичките партии

Министер за образование и наука, Арбер Адеми на денешната прес-конференција ги презентираше промените што се очекува да се одвиваат на полето на основното образование од септември оваа година. На вчерашната владина седница беа усвоени двете законски решенија, односно предлог - законот за основно образование и предлог - законот за професионален и кариерен развој на наставниците и стручните соработници, и сега, како што рече министерот Адеми, „на потег е Собранието“.

„Очекувам, во интерес на времето час поскоро да започне расправата и по целосно исцрпување на дискусијата по евентуални дилеми, законите да бидат усвоени и да стапат на сила со стартот на новата учебна година“, рече министерот за образование и наука, Адеми додавајќи дека станува збор за две законски решенија коишто содржат одредби согласно европските позитивни практики и искуства и надополнуваат нешто што кај нас недостасуваше.

Законот за основното образование се фокусира на подобрување на квалитетот на наставата и воопшто на воспитно образовниот процес, на јакнење на темелните уставни вредности во образованието, обезбедувајќи нови и повеќе можности за учениците со фокус на учениците со посебни образовни потреби.

Ставен е фокус на ученичкото организирање, на елиминација на политичките влијанија во училиштата, како и обезбедување повеќе можности за наставничкиот и стручен персонал во училиштата. Додека Законот за наставниците и стручните соработниците ќе обезбеди поголема мотивација за работа и за постигнување повисоки резултати.

„Нешто што за волја на вистината, недостасуваше во изминатите години, затоа што наставниците и стручните соработници во текот на целиот свој работен век никогаш немаа можност за кариерно напредување согласно стажот и постигањата на работното место, што е основен мотив за дополнителен личен влог и заложба во работењето на секој поединец“, образложи министерот Адеми.

Фокусирајќи се на иновациите на Законот за основно образование, министерот Адеми рече дека по слушањето на мислењата на сите, се инкорпорирани сите конструктивни и издржани забелешки. Затоа, очекува истите да се официјализираат и да станат дел од позитивниот правен систем.

Говорејќи, пак, за иновации во Законот за кариерен и професионален развој на наставниците и стручните соработници во училиштата министерот Адеми рече дека тие се најважната алка во образовниот процес.

„Можете да ги креирате најдобрите реформи, но без наставници кои ќе бидат доволно ценети, вреднувани и мотивирани за работа, планираниот успех и ефект нема да биде достигнат“, додаде министерот за образование и наука, Арбер Адеми.

Токму за овие причини, тој изрази уверување дека сите политички партии во Собранието ќе покажат конструктивност и ќе ги поддржат двете нови законски решенија, за доброто на квалитетот на образование, за што најави и средби со сите политички партии.