Премиерот Заев и министерот Бектеши на почеток со работа на новата фабрика на АТС Груп: Членството во НАТО отвора нови пазари и можности за зголемување на извозот и инвестициите за оваа компанија и за други

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на настан на кој се означи започнувањето со работа на новата фабрика на компанијата АТС ГРУП и заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши со свои обраќања го поздравија отпочнувањето со работа на новата фабрика. На настанот присуствуваа и вицепремиерите Радмила Шекеринска, Бујар Османи, Оливер Спасовски и Садула Дураки.

„Дозволете ми на самиот почеток да посакам успешна работа на новоотворената фабрика на компанијата АТС Груп која се занимава со производство на композитни производи и производи наменети за опрема на армијата и полицијата во делот на балистичка заштита и балистичка безбедност. Нашата земја со извесното членство во НАТО на крајот од годината се препознава како стабилна и сигурна бизнис дестинација. Оваа нова инвестиција на АТС груп и најавите за неколку други инвестиции на компанијата за коишто разговаравме го потврдуваат овој факт. Економските политики, политичката стабилност и финансиската поддршка што ја овозможуваме за нови инвестиции резултираат со релаксирана бизнис клима и охрабрување на инвеститорите да влегуваат во нови инвестиции“, истакна премиерот Заев.

Министерот за економија, Крешник Бектеши рече дека економските политики што ги спорведува Владата имаат за цел да ги олеснат процесот за влез на новите инвестиции во земјата.

„Ние како Министерство за економија дадовме целосна поддршка на оваа компанија што побрзо да започне со производство во нивните капацитети, а со тоа и извоз надвор од земјата. Имајќи ја во предвид стратешката определба на Владата, но и на сите институции и политички партии за интеграција на земјата во НАТО Алијансата и нашето зачленување кое се очекува до крајот на годината, со оваа фабрика се отвара нов пазар и нов простор за инвестиции од ваков тип на наменско производство. Преку Република Северна Македонија оваа балистичка опрема која што ќе се произведува тука ќе има голема примена кај НАТО земјите и најголемите армии во светот“, рече министерот Бектеши.

Сопственикот на фабриката, Шефшет Демировски во своето обраќање потенцираше дека со влезот на земјата во НАТО, се отвораат бројни можности и перспекитви за зголемувањето на извозот на компанијата.


Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев.

„Дозволете ми на самиот почеток да посакам успешна работа на новоотворената фабрика на компанијата АТС Груп која се занимава со производство на композитни производи и производи наменети за опрема на армијата и полицијата во делот на балистичка заштита и балистичка безбедност.

Со задоволство ја прифативме поканата сите ние да присуствуваем на денешниот настан бидејќи ние како Влада на Република Северна Македонија силно го поддржуваме бизнисот, новите инвестиции и отворањето на нови фабрики кои вработуваат наши граѓани.

Оваа приватна инвестиција од 3 милиони евра којашто за почеток отвара 80 нови работни места е посебно драга за нас бидејќи доаѓа од наш сограѓанин кој долги години живее и работи меѓудругото покрај дома и во странство.

Нашата земја со извесното членство во НАТО на крајот од годината се препознава како стабилна и сигурна бизнис дестинација.

Оваа нова инвестиција на АТС груп и најавите за неколку други инвестиции на компанијата за коишто разговаравме го потврдуваат овој факт.

Економските политики, политичката стабилност и финансиската поддршка што ја овозможуваме за нови инвестиции резултираат со релаксирана бизнис клима и охрабрување на инвеститорите да влегуваат во нови инвестиции.

Силно ги поддржуваме новите инвестиции и ќе продолжиме тоа да го правиме и во иднина. Комплетниот фокус на Влада е на поддршка на домашни и странски инвестиции.
Извозната активност на компаниите се зголемува и тоа е знак дека економијата силно се раздвижува.

За периодот јануари - мај 2019 година извозот пораснал за 14.7% во споредба со истиот период лани, а лани исто така имаше пораст од околу 15%.

Особено ми е драго што оваа фабрика е целосно извозно ориентирана и од тие причини ќе партиципира во овие позитивни трендови на раст на домашната економија.

Оваа нова инвестиција е доказ дека имаме сериозен потенцијал да произведуваме производи со додадена вредност кои претставуваат наша сериозна конкурентска предност на регионалните и меѓународните пазари.

Денеска сме овде да ја поздравиме оваа инвестиција затоа што конечно и се заокружи процесот на вадењето и давањето на лиценци за ова специфично производство. 
Дозволете ми да упатам голема благодарност за донацијата на опрема во вкупна вредност од 50.000 евра за Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, и Казнено - поправната установа - Скопје од компанијата АТС ГРУП.

Сакам со вас да споделам уште една важна позитивна информација поврзана со нашите активности за изградба на инфраструктура и доопремување на зоната Визбегово. Во тек е изградба на водоводна мрежа во зоната од околу 7.300 метри, како и целосната изработка на тендерска документација и за изградба на околу 5.300 метри канализациона мрежа.

Средувањето на инфраструктурата е на барање на бизнис заедницата кое сериозно започнавме да го реализираме заедно со матичните општини за обезбедување на соодветна инфраструктура за мобилизирање на уште повеќе нови инвестиции овде во зоната Визбегово.

Во наредниот период наша цел е условите за работа во оваа зона да се унапредуваат.

На самиот крај уште еднаш ви посакувам успешна работа, многу нови успеси и бизнис потфати со кои ќе учествувате во економскиот развој и напредок на нашата земја.

Сметајте на нашата поддршка и од Владата и од локалната самоуправа и од државната администрација за реалиацијата на вашите планови и идни успеси и бизнис потфати.“