Премиерот Заев во посета на археолошкиот локалитет Стоби: Овој локалитет постојано изненадува и затоа должност ни е да го откриваме, и чуваме непроценливото археолошко богатство и да го презентираме пред светот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со  министерот за култура Хусни Исмаили и директорката на Управата за културно наследство Елеонора Петрова, денеска, го посетија археолошкиот локалитет Стоби, каде што неодамна беше откриена ретка мермерна скулптура  на Дионис, богот на виното, на плодноста и заштитник на театарот, претставен со пантер и винова лоза, која веројатно е изработена во 3 век.

Потенцирајќи дека и покрај сто години археолошки истражувања на локалитетот, Стоби сè уште не престанува да изненадува и воодушевува, премиерот Заев го истакна исклучителното најново откритие на скулптурата на Дионис, откриена од учесниците во школата за археологија, заедно со археолозите од земјата и вработените во Стоби.

 

 

„Стоби е крстосница на цивилизациите и на народите на овие простори, и наша должност е непроценливото археолошко богатство да го откриваме, да го чуваме и достојно да го негуваме и презентираме на светот. Затоа Стоби и денес е жив и отворен град. Новите Стобјани се истражувачите и конзерваторите инволвирани во сите проекти на Националната установа Стоби“, нагласи премиерот Заев, кој ја посочи важноста на археолошкото богатство, ретката мермерна скулптура на богот Дионис, откриена неодамна, мозаикот кој датира од 4 век, крстилницата и Старата епископска базилика.

„Во јули ќе започне и реализацијата на можеби најголемиот проект на Националната установа (НУ) „Стоби“, проектот за конзервација и реставрација на Театарот. Во овој грандиозен споменик на римскиот период, пред очите на 7.600 гледачи се одвивале театарски претстави и гладијаторски борби, подвлече премиерот Заев.

Министерот за култура Исмаили во своето обраќање оцени дека Стоби, кој минатата година е посетен од над 19.000, посетители, а оваа година се очекува двојно поголем број, е еден од најзначајните споменици и сведоци на римската и доцноантичката епоха, кои даваат значајни информации за  самите градби. 

 

 

„Интензивно се работи на истражувањата на комплексот околу Храмот на Изида, потоа на Старата епископска базилика каде годинава е откриен фрескоживопис со геометриска декорација, а се  работи и на проектот за конзервација, реставрација и археолошки доистражувања на Театарот“, рече министерот Исмаили, кој додаде дека Министерството за култура и во иднина ќе поддржува проекти во НУ „Стоби“, како значајно културно богатство и сите нови откритија, кои се од особено значење, не само за афирмација и промоција на нашата држава Република Северна Македонија, туку и за развојот на туризмот.

Директорот на НУ „Стоби“ Спасе Перовски информираше за интензитетот и очекувањата од работата на локалитетот, во чија активности, покрај вработените во локалитетот учествувале и 17 студенти од САД, Канада, Австралија, Шведска и Ел Салвадор, во рамки на Интернационалната школа за археологија. 

 

 

„Горди сме на Стоби, денес, поради континуитетот кој од научен аспект се остварува и продолжува. Низ работата веќе имаме сознанија дека Стоби живеел и во 7 век", рече директорот Перовски, заблагодарувајќи се на Владата и Министерството за култура за поддршката на проектите за ревитализација на објектот. 

 


 

Премиерот Заев во посета на Стоби: Должност е да обезбедиме поддршка на најпознатиот археолошки локалитет во РСМ во истражувањата, заштитата и промоцијата на културното наследство 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружен од министерот за култура Хусни Исмаили и директорката на Управата за културно наследство Елеонора Петрова, денеска го посети археолошкиот локалитет Стоби, каде беше откриена мермерна скулптура со претстава на богот Дионис, во рамките на летната интернационална школа за теренска археологија.

По завршување на теренската посета, премиерот Заев даде изјава за медиумите, којашто во продолжение ви ја пренесуваме во целост. 

 

 

„Ова лето археолошкиот локалитет Стоби повторно го свртува вниманието на јавноста. И тоа со право.

И покрај сто години археолошки истражувања на локалитетот, Стоби сè уште не престанува да изненадува и воодушевува со нови откритија.

Информацијата дека 18 студенти од САД, Канада, Кина, Австралија, Шведска и Ел Салвадор, учесници во школата за археологија, заедно со нашите археолози и други вработени во Стоби, имаа исклучително откритие: Ретка мермерна скулптура на Дионис, богот на виното, на плодноста и заштитник на театарот, којшто го заслужува највисокото внимание.

Стоби е крстосница на цивилизациите и на народите на овие простори, и наша должност е непроценливото археолошко богатство да го откриваме, да го чуваме и достојно да го негуваме и презентираме на светот.

Затоа Стоби и денес е жив и отворен град.

Новите Стобјани се истражувачите и конзерваторите инволвирани во сите проекти на Националната установа Стоби. 

Во рамки на истражувањата на комплексот околу Храмот на Изида, е откриен дел од уште еден мозаик, фрагменти од штуко декорација и фонтана, кои зборуваат за раскошот кој го уживале свештениците на Изида во Стоби. По 2009 година, ова е прво откритие на мозаик во Стоби кој датира од 4 век. 

Ископувањата на Старата епископска базилика резултираа со откривање на дополнителни делови од најстарото ранохристијанско сликарство во нашата држава кое секако, веднаш ќе биде конзервирано. До крајот на годината и прекрасната крстилница, а Епископската базилика ќе добие нова покривна конструкција.

Во јули ќе започне и реализацијата на можеби најголемиот проект на Националната установа Стоби, проектот за конзервација и реставрација на театарот. 
Во овој грандиозен споменик на римскиот период, пред очите на 7.600 гледачи се одвивале театарски претстави и гладијаторски борби. Денес, тој е предмет на континуирана истражувачка и конзерваториска работа чија главна цел е научна публикација, презентација и ревитализација за современи културни настани кои го бележат новото поглавје на живиот град Стоби. 

Покрај интернационалната школа за археологија, во Стоби се одвиваа уште две интернационални конзерваторски работилници како дел од соработката со Фондацијата Балканско наследство од Р. Бугарија, на кои што секако сме им благодарни. 12 студенти од САД учествуваа во процесот на документација и конзервација на мозаици, керамички и стаклени предмети. Со помошта на студентите се вршеше превентивна заштита на мозаикот во Куќата на Партениј, кој се отвора прв пат после 70-тите години на минатиот век. 

За сите овие достигнувања треба да им честитаме на сите вработени во Националната установа Стоби, на чело со директорот Спасе Перовски, а наша должност е во иднина да обезбедиме најпознатиот археолошки локалитет во Република Северна Македонија, да ја добие сета потребна поддршка во истражувањата, заштитата и промоцијата, затоа што културното наследство е универзална вредност на целото човештво, која мора да ја негуваме, зачуваме и пренесеме на идните генерации.   

Благодарам.“