Реновирана полициската станица во Кочани: Подобри услови за работа, зголемена безбедност

„Денеска имавме работна средба со раководството на ПС Кочани и со локалната самоуправа, а имам чест да ве информирам и дека завршивме со реновирањето на полициската станица. Можам да ве информирам дека безбедносната состојба на подрачјето на ПС Кочани и СВР Штип е стабилна, а полицијата бележи добри резултати во своето работење. Значителен пораст на откривачката дејност од 44% е регистриран во областа на недозволената трговија со дрога на подрачјето на СВР Штип“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешната посета на Кочани, каде заврши реконструкцијата и санацијата на објектот на полициската станица, кој се реновира после четири децении.

„МВР продолжува со активностите за подобрување на условите за работа на полициските службеници и , како што може да видите, завршена е реконструкција и санација на објектот на Полициската станица од општа надлежност Кочани извршена во рамки на стратешкиот план на МВР за драстично унпаредување на материјално-инфраструктурните и технички услови за работа на сите наши полициски службеници. Така што сега полициската станица во Кочани веќе има сосема видоизменет обновен и функционален објект за користење, за чија што реконструкција и санација беа издвоени околу 7,5 милиони денари, средства одвоени од буџетот на Министерството за внатрешни работи“, рече Спасовски.

За раководството на МВР од исклучително значење се стандардите, условите за работа на полициските службеници, кои што објективно го претставуваат ликот на самото Министерство, односно ја даваат онаа прва и најважна слика и претстава за тоа како работиме, до кај сме стигнале, што треба уште да направиме како институција - сервис на граѓаните, но и еден од главните столбови на општеството во спроведувањето на законите и заштитата на сигурноста и безбедноста на сите наши граѓани на нивните материјални добра, на јавниот ред и мир.

„Тој мотив останува и натаму наша примарна цел, од која нема отстапување, така што ние и во текот на оваа година ќе продолжиме со интензивното подобрување на состојбата во која што се наоѓаат и работат полициските служби“, рече Спасовски.

Министерот Спасовски имаше средба и со градоначалникот на општина Кочани, Николчо Илијев, како и со членовите на општинскиот совет и претставници на локалниот совет за превенција каде што се разговараше за сите прашања кои што се од взаемен интерес со цел да се зголеми соработката меѓу граѓаните и полицијата.